ПОВЕЌЕ

    Комерцијална банка со профит од 23 милиони евра

    Време зa читање: 2 минути

    Комерцијална банка уште еднаш ги надмина сопствените резултати. Оствари добивка од над 23 милиони евра. За 20,1 насто повисока од репер-бројката (19,1 милон евра) запишана на крајот од ланското прво тримесечје. Планот за бруто-добивката има реализација од 110 проценти.

    „Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените нето курсни разлики и зголемените нето-приходи од камати“, велат од Комерцијална банка.

    Редовните работни активности спроведени во текот на тримесечното работење, на Банката и донеле вкупни приходи од 32,9 милони евра. За 1,3 насто повисоки во однос на споредбениот минатогодишен перод.

    Во тие рамки, влечна сила претставуваат каматите. Нето-приходите, односно разликата меѓу наплатените и исплатените камати е речиси 24 милиони евра. Во овој сегмент има минимален раст од 0,8 проценти. Инаку, само од каматите оваа банка инкасирала 27,38 милиони евра, што е за 1,3 насто подобар резултат од ланскиот прв квартал. А, пак, расходите по оваа линија се поголеми за 5,2 насто.

    Инаку, вкупните кредити што ги користат клиентите на Комерцијална банка се во износ од 1,3 милијарди евра. Во трите месеци за 2,5 насто се намалиле кредитите и побарувањата од банки. Но, за исто толкав процент е зголемено кредитирањето кај другите комитенти – граѓаните, и особено кај компаниите.

    Што се однесува до другите извори на средства, податоците покажуваат: нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 5,44 милиони и се намалени за речиси незначителни 0,5 проценти; курсните разлики, зголемени за 17,3 насто, придонесуваат со 1,8 милиони евра; останатите приходи од работењето донеле приливи во нето износ од 1,4 милиони евра (+0,9%).

    Во однос на споредбениот период, за 1,8 насто се зголемени и оперативните расходи, врз што најголемо влијание имал растот на платите и на трошоците за вработените. Во таа ставка е запишана сума од девет милиони евра.

    За три месеци вкупната актива на Комерцијална банка се зголемила за 0,1 процент и достигнува износ од 2,9 милијарди евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично