Комерцијална банка ја изразува својата солидарност и сочувствува со семејствата на починатите и со повредените – тие дадоа конкретен придонес за подобрување во јавното здравство со набавка и донација на ново возило за брза помош за Општата болница во Кочани.
„Потресени од трагедијата во Кочани искрено сочувствуваме со семејствата на починатите и посакуваме брзо опоравување на повредените. Оваа донација е само еден од начините со кои сакаме да ја покажеме нашата солидарност со семејствата кои се соочуваат со невидена болка и траума. Пожарот во дискотеката во Кочани остави длабоки рани, но и итна потреба од подобрување на капацитетите на јавните здравствени установи со цел да обезбедат брза и ефикасна медицинска помош кога е најпотребна“, истакнуваат од Комерцијална банка.
Банката останува доследна на својата општествено одговорна мисија и оттаму велат дека ќе продолжи и понатаму да ги поддржува напорите за што побрзо опоравување на повредените и за ублажување барем малку на траумата на семејствата на загинатите и на повредените.
„Оваа трагедија е неопислива болка за засегнатите, но и повик да се обединиме во хуманоста и солидарноста, кои се основа за изградба на посилна и поотпорна заедница“, велат од Банката.