Традиционално, по повод „Светскиот ден на штедењето – 31 октомври“, синоќа во организација на Македонската банкарска асоцијација, се случија традиционалните банкарски „Оскари“. На настанот се прогласија најдобрите банкарски службеници за 2024 година од Стопанска банка- АД Скопје. Катерина Велиновски, Катерина Митровска и Павлина Симиџиоска Тодороска ги добија наградите.
–Долгогодишна посветеност на работата која ме исполнува и ми претставува задоволство да ја работам е причина да станам најдобра во мојата професија. Наградата многу ми значи, но уште повеќе ми значи кога знам дека некој ја следи мојата динамика на развој и благодарна сум на тимот кој има особена заслуга за мојот успех и постигнување – вели за порталот Пари, Катерина Велиновски, раководител на служба за благајничко работење, филијала Куманово
Катерина Митровска, советник за СБ ексклузив клиенти, филијала Алуминка Скопје најпрво се заблагодарува на наградата што за неа, како што вели таа, значи укажана доверба и признание за досегашното нејзино работење.
–Да се стекнам со титула најдобар вработен се должи на прифаќањето нови предизвици, ентузијазам кон работата и пред се да се биде тимски играч. Ова признание има големо значење и за Банката затоа што влеваме поголема доверба кај клиентите и секако мотивација за нас вработените за поголеми успеси – истакнува Митровска.
Павлина Симиџиоска Тодороска, советник за мали бизниси, филијала Струга ни истакна дека најдобар во својата професија се станува ако со љубов и целосен ангажман се работи својата работа.
–За мене наградата е потврда на она што е веќе јасно, дека Стопанска Банка во целост го цени мојот труд и вложување во работата – посочува Симиџиоска Тодороска.