Неколку синџирите на маркети меѓусебно нелегално договарале цени и биле фатени од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Од КЗК известија дека ова било констатирано по направен ненајaвен увид во 4 трговски субјекти и една стопанска комора во која се здружени, поради сомнеж за картелско здружување, односно договарање на цените.
При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид
во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска
комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита
одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање.
Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата
донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и
нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за
нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка.
Како што информираат од Комисијата, при увидот во службената документација и во средствата за електронска комуникација во службените простории на фирмите биле пронајдени докази за незаконската одлука која ја донеле.
Комисијата интензивно врши контроли кај повеќе правни субјекти кои имаат удел во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и ќе презема најригороизни мерки и санкции на секое нарушување на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволи изигрување на законот на штета на граѓаните, додаваат од Комсијата.
Инаку, од вчера дел од основните прехранбени производи во маркетите се продаваат со пониски цени, откако Владата донесе мерки за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените.
Над илјада производи треба да бидат означени со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Лебот, брашното, млекото, јогуртот, киселото млеко, јајцата и маслото за јадење имаат замрзнати цени. До крајот на април ќе чинат исто како и на први февруари. За овие производи маржата е ограничена на пет проценти.
Десетпроцентни се маржите за месото и месните преработки, за шеќерот, оризот, гравот, за тестенините, за сирењето, кашкавалот, маргаринот, путерот, кафето, соковите, конзервирниот зеленчук и овошје, како и за одредени алкохолни пијалаци. А, пак, добар дел од видовите свежо овошје и зеленчук ќе се продаваат со лимитирани маржи до 15 проценти, исто како и средствата за лична хигиена и бебешката храна.