ПОВЕЌЕ

    Карпузовска: ЕВН Хоме очекува АД ЕСМ да ги исполни обврските за испорака на електрична енергија како и досега

    Време зa читање: 12 минути

    ,,ЕВН Хоме во рамките на своите законски надлежности во наредниот период се до започнување на испораката за 2022 година, ќе ги искористи сите можности за да ги обезбеди целосно потребните количини за своите потрошувачи. ЕВН Хоме очекува (како што беше и досега) АД ЕСМ и понатаму да ги исполнува своите обврски согласно склучените купопродажни Договори за испорака на електрична енергија за потребите на Универзалниот снабдувач”, посочува во разговорот за порталот ,,Пари”, Ленче Карпузовска, менаџер за комуникации во ЕВН Македонија.

    Карпузовска вели дека секојдневно расте бројот на компании кои тие почнуваат да ги снабдуваат со електрична енергија бидејќи трговци им ги откажуваат договорите. Во однос на копачите на криптовалути и дивите приклучоци, потенцира дека сериозно го нарушуваат снабдувањето со електрична енергија.

    ЕВН Хоме распиша повторно тендер за набавка на електрична енергија за домаќинствата. Аукцијата ќе се одржи на 2-ри декември, првата беше неуспешна бидејќи домашниот производител ЕСМ која секогаш нуди далеку пониска цена од онаа на берза, не излезе со понуда.

    Пари: Како универзален снaбдувач на домаќинствата, по која цена на граѓаните им се наплаќа во моментов потрошената електрична енергија и од каде ја обезбедувате ?

    Карпузовска: Цената ја одредува Регулаторната Комисија за Енергетика (РКЕ) согласно тарифни ставови и истата е објавена на страната на РКЕ.

    Во моментот скоро сите потреби на ЕВН Хоме како Универзален снабдувач за домаќинствата се обезбедуваат од АД ЕСМ освен мал дел (просечно околу 5%) кој согласно законските обврски за нивно задолжително процентуално учество кај сите Снабдувачи со електрична енергија, мораме да го обезбедиме од Производителите од обновливи извори со повластена (феед-ин) тарифа. Електрична енергија се набавува на отворен/слободен пазар по пазарни цени за потребите на Електродистрибуција и ЕВН Електроснабдување согласно законските прописи и важечки регулативи.

    Пари: Цената на енергијата во континуитет расте на глобално ниво, што најмногу го предизвика растот на цените?

    Карпузовска: Начинот на производство на електричната енергија е дел од долгорочниот план на европските земји кои целат кон нула емисии до 2050г. како дел од „Зелениот договор“. Овие земји се свртени кон производство на електрична енергија од обновливи извори, а со тоа ќе придонесат на светската климатска акција за да се избегне иднина на опасни климатски промени.
    На што се должи овој скок во цената за електрична енергија во Европа? Според The еconomist, се работи за клучните фактори за производство на електрична енергија.

    Бр.1 – Недостиг во снабдувањето со природен гас.
    Околу една петтина од производството на електрична енергија во Европа зависи од природниот гас кој се набавува од Русија (една третина) и Норвешка (една петтина). Овие земји во изминатиот период се соочија со проблеми при обезбедување на вообичаените количини. Недостатокот на природниот гас автоматски придонесе на зголемување на нејзината цена.

    Бр. 2 – Недостиг во производство на електрична енергија од ветерна енергија.
    Околу една десетина од европската енергија се генерира од ветрот, а во некои земји уделот е двојно поголем. Во првите две недели на септември овој вид производството е на 50% под просекот на производство во последните пет години.
    Во вакви случаи претпријатијата се потпираат на алтернативни решенија за производство на поголемиот дел од количините на електрична енергија, со што би успеале да го покријат недостигот. За жал, годинава и овие решенија претставуваат проблем за набавка поради високите пазарни цени.

    Пари: На тендерот за набавка на електрична енергија за домаќинствата за идната година не се јави никој особено изненади што ниту домашниот ЕСМ не даде понуда. Што значи тоа и треба ли да не плаши оваа ситуација?

    Карпузовска: ЕВН Хоме во рамките на своите законски надлежности во наредниот период се до започнување на испораката за 2022 година, ќе ги искористи сите можности за да ги обезбеди целосно потребните количини за своите потрошувачи.

    Пари: Дали сте во комуникација со ЕСМ со оглед на тоа што токму домашното производство е најевтино и најзаслужно за пониските цени на енергијата? 

    Карпузовска: Нов тендер за набавка на електрична енергија за 2022 година е распишан на 18.11.2021 и истиот ќе се одржи на 02.12.2021 преку користење на електронска Аукција согласно Правилата за набавка на електрична енергија одобрени од страна на Регулаторната Комисија за Енергетика (РКЕ).

    ЕВН Хоме е во редовна и постојана комуникација со претставниците на АД ЕСМ со оглед на тоа што токму домашното производство е најевтино и најзаслужно за пониските цени на енергијата. Апсолутно го делиме вашето размислување и вашата констатација, бидејќи истото се покажа како целосно исправно во изминатиот период.

    Пари: Што ке се случи доколку повторно немате ниту една понуда и на следниот тендер?

    ЕВН Хоме во рамките на своите законски надлежности во наредниот период се до започнување на испораката за 2022 година, ќе ги искористи сите можности за да ги обезбеди целосно потребните количини за своите потрошувачи.

    Пари: Едно сепак е јасно цената на електричната енергија секако ке биде многу повисока после Нова Година. Што велат вашите пресметки и не очекуваат ли рестрикции на струја?

    Карпузовска: Одлуката за цената ќе ја донесат надлежните државни институции и РКЕ.Прелиминарни пресметки за цената на електричната енергија во наредниот период не можат да се направат без да се знаат влезните параметри/цени како што се: цената по која ќе се набави електрична енергија од АД ЕСМ, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО,цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, односно дали сите тие цени ќе претрпат измени.

    ЕВН Хоме до 31.12.2021 година ги има целосно обезбедено потребните количини за домаќинствата преку склучување на Договори за купопродажба на електрична енергија со АД ЕСМ за периодот 01.07.2021 – 31.12.2021. ЕВН Хоме очекува (како што беше и досега) АД ЕСМ и понатаму да ги исполнува своите обврски согласно склучените купопродажни Договори за испорака на електрична енергија за потребите на Универзалниот снабдувач.

    Одлуката за рестрикции во снабдувањето со електрична енергија не е во надлежност на ЕВН Хоме, туку е во надлежност на државните институции и на Операторот на преносниот систем, АД МЕПСО, доколку тие констатираат дека функционирањето на електроенергетскиот систем во Македонија е загрозен.

    Пари: Поради скапата струја трговците на слободен пазар ги раскинаа договорите со компаниите, колку од нив побараа ЕВН да ги снабдува со струја?

    ЕВН Електроснабдување е фирма ќерка на ЕВН Македонија, која поседува лиценца за снабдување со електрична енергија на отворен пазар и која што има најголем удел во истиот.
    Компании што се снабдувале од други снабдувачи кои им го раскинале договорот за снабдување пред истек на договорот во зависност од периодот, а воедно согласно статусот на компанијата опишан и дефиниран во Законот за енергетика како голем и мал потрошувач ги имаат следните опции:
    – Големите компании се снабдуваат од снабдувач во краен случај ( не подолго од 3 месеци )
    – Малите компании се снабдуваат од Унверзалниот снабдувач
    – Мали и големи корисници може да одберат друг снабдувач за снабдување со електрична енергија на отворен пазар што во овој случај, ЕВН Снабдување секојдневно презема компании на кои им ги раскинале договорите други снабдувачи во рокот пропишан во Правилата за снабдување за промена на снабдувач и таа бројка на компании е многу голема.

    Пари: Дефектите на домашните капацитети се се почести, особено зиме, кои се вашите препораки во која насока треба да се развива енергетскиот сектор?

    Карпузовска: Енергетиката е комплексна гранка, а електроенергетиката е еден дел од неа. Домашните производни капацитети се стари и нивното одржување ќе биде се потешко и поскапо. Но, постои и друг проблем кој е се поизразен е тоа е намањето на ресурси. Овде пред се се мисли на јагленот како основен ресурс за термоелектраните Битола и Кичево, но секако мора да ги споменеме и водните ресурси за кои има индикации дека со климатските промени ќе се намалуваат.

    Единствено решение за оваа ситуација е имањето на стратегија за развој каде сите параметри ќе бидат правилно третирани. Таа треба да биде флексибилна за да може да одговори на промените кои се случуваат.

    Ние како држава и како корисници мора да се прилагодиме на тие промени, а тоа значи да се промениме и ние. Обновливите извори се типичен доказ за тоа. Тие нудат многу поволности и предности, но носат и сериозни предизвици. Зеленото сценарио е посакувано од сите, но неговата реализација мора да оди плански и чекор по чекор. На пример еден блок во Битола со моќност од 225 МW, не може да се замени просто со фотонапонска централа од 225 МW. Не може да се замени ниту со две од по 225 МW, ниту пак со комбинација на повеќе извори на обновлива енергија. Затоа велиме дека стратегијата е најважна. Инвестиции се потребни во сите делови од енергетскиот систем почнувајки од Производните капацитети – ЕСМ, преносните капацитети – МЕПСО и дистрибутивната мрежа – Електродистрибуција, но тие инвестиции мора да бидат координирани за да дадат ефект. За на крај останува Регулаторната комисија за енергетика која има суштествена улога и треба правилно да ги препознае потребите за да се одобрат и признаат инвестициите кои треба да превенираат вакви непожелни состојби.

    Конкретно за дистрибутивната мрежа на ЕВН веќе е објавен 5 годишен план за развој кој во нареден период редовно ќе се обновува. Главна цел е зајакнување на мрежата со изградба на кабелски водови со поголем капацитет кои ќе влијаат и на редовното снабдување и намалување на бројот на дефекти.

    Пари: Како австриска компанија може да споделите како во Австрија функционира енергетскиот систем и колку чини електричната енергија таму?

    Карпузовска: Енергетските системи функционира на ист начин секаде. Законите по кои тече енергијата се исти, а разликите се во организацијата и планирањето на потребите.

    Западните системи се нешто поразвиени од нашиот систем и понапредни во однос на технологијата и имплементацијата на новите технологии кои ги користат. Согласно тоа имаат и поголемо искуство, а веќе се соочиле со некои предизвици кои се уште ги нема кај нас. Поради тоа ние го користиме нивното искуство и реализираме решенија кои се издржани и проверени. Доколку зборуваме за цената на електричната енергија, таа е секако поголема од цената на ЕЕ кај нас по апсолутна вредност. Но клучниот момент е што таа треба да биде во рамнотежа со потребите.
    Во иднина ќе се соочиме со уште поголеми предизвици. Интегрирањето на обновливите извори во дистрибутивната мрежа ќе биде поголемо. Доаѓањето на електричните возила и нивното интегрирање бара многу големи капацитети кои секако ќе предизвикаат трошоци. Интеграцијата на системите за складирање на електрична енергија или батерии исто така ќе предизвикаат трошоци. Секако ќе има и големи продобивки, но мора да се има план за да ги покриеме трошоците и да имаме потоа придобивки.

    Пазарот на електрична енергија во Австрија е либерализиран. Потрошувачите ја добиваат сметката за електрична енергија од снабдувач со електрична енергија кој ја набавува енергијата за своите потрошувачи од домашно производство, ја увезува или самиот ја произведува. Енергијата ја пренесува и дистрибуира преку мрежата и за тоа наплаќа тарифа за користење на мрежата. Снабдувачите се меѓусебно во конкуренција и корисниците имаат слободен избор на снабдувач со електрична енергија. Мрежниот оператор е одговорен за развој, одржување на мрежата како и услугите поврзани со поставување, одржување и отчитување на мерните уреди. Мрежниот оператор зависи исклучиво од локацијата на корисникот односно не може да се избере.
    Сите корисници во Австрија, вклучувајќи ги и домаќинствата се на отворен пазар.

    Пари: Кога можеме да очекуваме стабилизирање на енергетскиот пазар, што покажуваат поранешните искуства кога имало вакви ситуации?

    Карпузовска: Стабилизирање на енергетскиот пазар во Македонија во наредниот период може да се случи единствено со стабилизирање и зголемување на производството од АД ЕСМ и обезбедување на потребните системски резерви од страна на АД МЕПСО. Што се однесува до цените на берзите на електрична енергија, истите не може точно да се прогнозираат бидејќи зависат од многу глобални економски и геополитички фактори, но сепак според некои странски експертски анализи се очекува одредено евентуално намалување на цените на електрична енергија да се случи некаде помеѓу вториот и третиот квартал од 2022 година.

    Пари: Рудниците за криптовалути се се поактуелни. Еднаш веќе посочивте дека има зголемена и нелегална потрошувачка на струја на одредени локации. Што се случува сега и што значи тоа во овие услови на енергетска криза?

    Карпузовска: Кражбата на електрична енергија е феномен кој е присутен низ целата земја, карактеристичен за објекти, но истовремено и за копање криптовалути. Надлежните државни институции и ЕВН секојдневно се соочуваат и борат против овој феномен кој предизвикува огромни штети и последици, особено во ваков сензитивен период. Секако, најголемиот дел од кражбите се во големите урбани средини каде што и концентрацијата на потрошувачи е најголема. Факт е дека во скопскиот регион е зголемено копањето на криптовалути.

    Најчесто, мрежата не е дизајнирана за новосоздадената потрошувачка на струја при копање криптовалути, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот нов бизнис. Последиците од нелегално користење на струја за копање криптовалути се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците на кои им се нарушува нормалното снабдување

    Според енергетските согласности домаќинствата се ограничени на потрошувачка од 11 КW. Нелегалното користење на електрична енергија може да доведе до преголема оптовареност на трафостаниците која резултира со сериозни оштетувања, па и горење на самите трансформатори. Санацијата на овој вид штети од финансиски аспект чини десетици илјада евра, што понатаму негативно се рефлектира во реализација на идни планови за развој и ширење на мрежата за корисниците.

    Овој бизнис сепак треба да се регулира од страна на финансиските институции во државата. Кога тоа би било регулирано, тогаш и тарифата би се регулира од страна на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не станува збор за домаќинство.
    Немаме сознанија како е тоа решено во други држави. Но, искрено не веруваме дека копање биткоини е со нелегално користење струја.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично