ПОВЕЌЕ

    Каматите на кредитите се спуштија на 4,67 %, новите депозити носат 2,54 %

    Време зa читање: 3 минути

    Каматите на кредитите продолжуваат да се намалуваат, додека банките нудат повисоки стапки за новите депозити. Народната банка ги објави најновите податоци за движењата кај каматните стапки на банките и штедилниците во јуни.

    Просечната каматна стапка на вкупните кредити се спушти на 4,67 проценти. Нивото е за 0,36 процентни поени пониско отколку пред една година. Кај депозитите, просечната стапка останува речиси непроменета (- 0,03 п.п.) и изнесува 2,17 проценти, но банките постепено ги подобруваат условите за новите штедачи – каматата на новопримените депозити достигна 2,54 проценти.

    Кај кредитите, трендот на поевтинување продолжува и на месечно ниво. Во јуни просечната каматна стапка на сите кредити се намали за 0,02 процентни поени, а истото намалување е забележано и кај новоодобрените кредити, каде што просечната стапка изнесува 4,38 проценти.

    ДОМАЌИНСТВАТА СÈ УШТЕ СЕ ЗАДОЛЖУВААТ ПО НЕШТО ПОНИСКИ КАМАТИ

    Граѓаните, во просек, плаќаат 5,02 проценти камата на вкупните кредити, што е за 0,42 процентни поени помалку од ланискиот јуни. Намалувањето се должи на пониските камати кај денарските кредити, како и кај кредитите во странска валута.

    Кај новите кредити, пак, има мало поместување во спротивна насока (+ 0,07 п.п. месечно и + 0,02 п.п. годишно). Просечната каматна стапка се зголемила на 4,71 процент, главно поради поскапувањето на кредитите во странска валута.

    Штедењето на домаќинствата носи просечна камата од 2,10 проценти. Стапката е скоро непроменета во однос на мај (+ 0,01 п.п.), но сепак малку пониска отколку пред една година (- 0,05 п.п.).

    Најголема промена е забележлива кај новите депозити. За нив банките во јуни понудиле просечна камата од 2,74 проценти, за 0,21 процентен поен повеќе споредено со претходниот месец. На годишна основа има зголемување од 0,41 процентен поен. Растот најмногу се должи на повисоките камати за денарските депозити без валутна клаузула.

    ПОЕВТИНИ КРЕДИТИ И ЗА КОМПАНИИТЕ

    И финансирањето на корпоративниот сектор продолжува со пониски камати. Просечната стапка на вкупните кредити за компаниите во јуни изнесува 4,31 процент, што е за 0,31 процентен поен пониско на годишно ниво.

    Кај новоодобрените кредити има минимално месечно зголемување (+ 0,03 п.п.), на 4,25 проценти, пред сè поради повисоките камати на кредитите во странска валута. Сепак, во споредба со лани, и тие остануваат малку пониски (- 0,03 п.п.).

    Просечната камата на вкупните депозити на компаниите се намали на 2,66 проценти, но интересен е трендот кај новите депозити. За новите средства што фирмите ги депонирале во банките во јуни, просечната каматна стапка достигнала 2,20 проценти, што е за 0,49 процентни поени повеќе од мај. Движењето најмногу е поттикнато од растот на каматите за денарските депозити без валутна клаузула, иако во однос на истиот месец лани тие сè уште се нешто пониски – за 0,18 процентни поени.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично