ПОВЕЌЕ

    КАКВА ИГРА ИГРА ЕРДОГАН: Не стивнуваат реакциите околу кандидатурата на Турција за членство во БРИКС

    Време зa читање: 6 минути

    Не стивнуваат реакциите на најавите дека Турција и формално сака да се приклучи на БРИКС, платформа за соработка на држави каде главниот збор го имаат Русија и Кина. Ставот на ММФ е дека одлуката на која било земја да се приклучи на БРИКС или други групи на земји е суверен избор, соопшти портпаролот на меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Џули Козак, на прес конференција и додаде дека „ваквите иницијативи треба да се охрабруваат“, објави Турки Тудеј.

    На прашањето за потенцијалните ризици поврзани со потенцијалното членство на Турција во БРИКС, Козак истакна дека продлабочувањето на врските меѓу членките на БРИКС, или слични групи, може да ја намали фрагментацијата и да ги намали трошоците за трговија и инвестиции.

    БРИКС, економски блок составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, неодамна го прошири своето членство со вклучување на Иран, Обединетите Арапски Емирати, Етиопија и Египет претходно оваа година. Саудиска Арабија, исто така, беше поканета да се приклучи, но сè уште не го потврди своето членство. Во меѓувреме, Аргентина, по изборот на Хавиер Милеи, објави дека нема да продолжи со членството во БРИКС.

    Земјите од БРИКС имаат колективно население од 3,4 милијарди жители и копно од 45 милиони квадратни километри.

    Неодамна рускиот претседател Владимир Путин изјави дека 34 земји изразиле интерес за приклучување кон БРИКС, велејќи дека „интересот за БРИКС е во пораст“. Путин ги поздрави напорите на Анкара, јавуваат турските медиуми. Тој рече дека „целосно ќе го поддржи“ приклучувањето на Турција.

    Ако Турција навистина стане членка на БРИКС, група која често се опишува како противтежа на глобалниот поредок предводен од Западот, би можела уште повеќе да се оддалечи од Европската унија – а со тоа и од придобивките од тој единствен пазар од 27 членки.

    „Турција има право да одлучува за своите меѓународни партнерства, но ЕУ очекува земјата-кандидат да ги поддржи вредностите на ЕУ, изјави Петер Стано, портпарол на дипломатската служба на ЕУ.

    „Очекуваме сите земји кандидати цврсто и недвосмислено да ги поддржат вредностите на ЕУ, да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од релевантните трговски договори и да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика“, изјави Стано за ДВ.

    „Тоа се важни сигнали за заедничките вредности и интереси, односно стратешката ориентација на земјите“, додаде тој.

    ОДЛУКАТА НА ТУРЦИЈА – РЕЗУЛТАТ НА ФРУСТРАЦИИ ОД “ЧЕКАЛНАТА НА ЕУ“?

    Некои ја гледаат желбата на Турција да се приклучи на БРИКС како реакција на деценискиот никаков напредок во преговорите за пристап во ЕУ.

    Во минатогодишниот извештај за напредокот, европските парламентарци заклучија дека „стапката на усогласеност на Турција со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ падна на најниско ниво од седум проценти, што е убедливо најнизок процент од сите земји кандидати“.

    Начо Санчез Амор, пратеник на шпанските социјалдемократи во Европскиот парламент, истакнува дека патот на Турција кон ЕУ води преку реформи.

    „Неодамна, видовме обновен интерес на турската влада за заживување на процесот на пристапување во ЕУ“, изјави тогаш тој.

    „Ова нема да се случи врз основа на геополитичко пазарење, туку само кога турските власти ќе покажат вистински интерес да го запрат континуираниот пад на основните слободи и владеењето на правото во земјата“, рече Санчез Амор.

    Процесот на пристапување на Турција започна во 2005 година, но целосно закочи во 2018 година поради неколку прашања, вклучително и загриженоста на ЕУ за ограничувањата на слободата на медиумите, извршната контрола на судството и недостатокот на цивилен надзор над турските безбедносни сили.

    Озгур Унлухисарчикли, турски експерт од германскиот Маршалов фонд, смета дека интересот на Турција за членство во БРИКС е знак на нејзината фрустрација од Европската унија.

    Турција не само што е лута на ЕУ за одложување на процесот на пристапување, туку и за непридвижување на модернизација на царинските или трговските договори, ниту пак на патоказот за визна либерализација, што би отворило можност за турските граѓани да патуваат без визи земјите од ЕУ.

    БРИКС: КОИ СЕ ЕКОНОМСКИТЕ ПРИДОБИВКИ ЗА ТУРЦИЈА?

    Членството во БРИКС може да и обезбеди на Турција пристап до институции како Новата развојна банка (НДБ), која финансира инфраструктурни и проекти за одржлив развој во земјите во развој. Ова може да биде вреден ресурс за големите проекти на Турција.
    Стратешки сојузи: Приклучувањето кон БРИКС ќе и даде на Турција можности да создаде нови меѓународни сојузи и да ги зајакне односите, особено со земји како Иран и Русија. Овој потег е дел од пошироката стратегија на Турција да го прошири своето влијание на глобалната сцена.
    Односи со ЕУ: Потенцијалното членство на Турција во БРИКС се гледа како надополнување, наместо како алтернатива на нејзините постоечки обврски, како што е Царинската унија со Европската унија. Се очекува Турција да ги задржи своите обврски кон ЕУ додека аплицира за членството во БРИКС.

    Потезите на Турција во надворешната и безбедносната политика веќе го нарушија имиџот на земјата во западните престолнини, пишува сервисот на Дојче Веле на српски.

    Турција одби да ги поддржи санкциите против Русија и наместо тоа стана најголемиот купувач на руска сурова нафта.Турција, исто така, го поддржува Хамас, милитантната палестинска група која изврши терористички напади врз Израел на 7 октомври и е класифицирана како терористичка организација од Европската унија, како и од САД, Германија и неколку други земји.

    Соединетите Американски држави и другите сојузници на НАТО беа лути поради купувањето на противвоздушни системи С400 од страна на Турција од Русија во 2017 година.

    Сепак, локацијата на Турција меѓу Западот и Истокот ја прави стратешки важна земја за мисиите на НАТО и САД во регионот. Дополнително, во 2016 година Анкара потпиша договор побаран од ЕУ, со кој се овозможува враќање на некои нерегуларни мигранти кои пристигнуваат во ЕУ од Турција.

    И покрај важната улога на Турција, нема знаци дека недовербата меѓу Анкара и нејзините сојузници се намалува.

    Студијата на германскиот Маршалов фонд за односите на Турција со нејзините западни сојузници вели дека „Турција е најмалку доверливата партнерска земја, според испитаниците во секоја земја каде што е спроведено истражувањето. Во исто време, анкетираните во Турција ги оценуваат сојузниците како најмалку доверливи“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично