Вредноста на акцијата врз која се пресметува дивидендата за акционерите на „Алкалоид“ во последните три години е зголемена за 28,6 проценти. Издвоените средства за таа намена и за персонален данок на личен доход бележат раст од 28,7 насто. А, добивката за успешното работење, која е подлога за наградата на акционерите, од 2022 до 2024 година има позитивна промена од 21,5 проценти. Или, овие клучни финансиски показатели имаат просечно зголемување од 26,3 насто.
Последната информација од фармацевтската компанија е дека предлогот на Управниот одбор е за минатата година да се исплати дивиденда од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за акција. Во споредба со претходните износи од 540, односно 486 денари има значајно поместување од 16,67 проценти. Разликата, пак, меѓу 2022 и 2023 била 10,2 проценти. За 2022 износите беа 490, односно 441 денар.
2022: 490 денари (бруто), 441 денар (нето)
2023: 540 денари (бруто), 486 денари (нето)
2024: 630 денари (бруто), 567 денари (нето)
Што се однесува до вкупните средства за распределба на профитот од работењето и за намирување на даночните обврски, според предлогот за 2024, ќе се искористат повеќе од 900 милиони денари, што е противвредност на над 14,6 милиони евра. Или, за 2022 биле исплатени 11,35 милиони евра, а за 2023 година – 12,54 милиони евра. За тој период потребните средства се зголемиле за 10,49 насто, а потоа од 2023 до 2024 за 16,43 проценти.
2022: 11,35 милиони евра
2023: 12,54 милиони евра
2024: 14,6 милиони евра
Последната добивка, остварена лани, е во износ од 27,7 милиони евра. Од прекланската овој резултат е подобар за 12,24 проценти. А, остварувањето од 2023, споредено со годината пред тоа, било поголемо за 8,25 насто.
2022: 22,8 милиони евра
2023: 24,68 милиони евра
2024: 27,7 милиони евра
Бројките се најдобрите показатели за работењето на компаниите. Укажуваат на раст и стабилност во работењето. За акционерите значи поголем профит, а голема полза има и општеството. Забележливо е дека се повисоки издвојувањата за дивиденда и данок, односно тие износи во текот на овие три години бележат поголем раст во однос на добивката. Или, „Алкалоид“ работи и остварува високи добивки и значителен дел од профитот го исплаќа на акционерите. Од друга страна, зголемувањето на дивидендата по акција, а со тоа и растот на износот, кои ја отсликуваат исплатливоста на вложувањето во овие хартии од вредност, ја зголемуваат атрактивноста на акциите. Тука е побјаснувањето за тоа – зошто акцијата на „Алкалоид“ е меѓу најтргуваните на Македонска берза, односно секогаш е во топ пет најбараните од страна на инвеститорите. Притоа, речиси и нема ден без тргување со оваа акција, чија последна просечна цена (вчерашна) е 29.660,21 денар. Во меѓувреме, од почетокот на годинава се забележани и неколку интересни блок-трансакции, при што се случи во текот на еден ден со оваа акција да се направи промет од 730 илјади евра. Лани цената за акцијата се движеше од 18.151 до 29.000 денари, со просек од 22.376,45 денари. Во 2024 беа истргувани 59.170 акции преку 4.442 трансакции, а прометот изнесуваше 21,5 милиони евра.
К.А.