ПОВЕЌЕ

    Кадиевска Војновиќ: Со мерки од 150 милиони евра за пазарот на трудот ќе има работна сила за бизнисот и компаниите

    Време зa читање: 2 минути

    Силна поддршка ќе добие приватниот сектор затоа што врз него се потпира домашната економија, вели Маја Кадиевска Војновиќ, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, претставувајќи дел од предизборната партиска „Платформа 1198“.

    „Приватниот сектор е стожерот на македонската економија, којшто го полни буџетот, и затоа ВМРО-ДПНЕ во наредниот период дава силна поддршка за развој, за зголемување на конкурентноста, за подобрување на усовршувањето, дигитализацијата на претпријатијата и за иновации“, посочува Кадиевска Војновиќ.

    Доколку оваа партија победи на претстојните избори, ќе вложи напори работодавачите да го решат проблемот со работната сила.

    „Во цела глава од нашата програма има мерки за пазарот на трудот, во вкупен износ од околу 150 милиони евра за различни програми во четиригодишниот мандат, со кои ќе се потрудиме да направиме создавање вештини, преквалификации, со цел бизнисот, компаниите да можат да најдат работна сила“, вели таа.

    Според Кадиевска Војновиќ, се надеваат дека со оваа програма повторно ќе го вратат приматот на препознатлива држава. Во тој контекст и мотото на програмата „луѓето на прво место“.

    Македонската економија е во лоша состојба, често укажува финансискиот експерт Кадиевска Војновиќ, што се должи на нискиот економски раст, кој не дава можности за отворање нови работни места, за повисоки плати, за повисоки пензии…

    „Платформата 1198“ чие име произлегува од бројот на предвидените мерки, партијата ја промовира како сериозна програма, особено во економскиот дел, „која ќе ги стабилизира јавните финансии за да има средства за капитални инвестиции“. Според таа програма, на среден рок растот би требало да достигне пет проценти. Инфлацијата ќе се врати во нормала на два до 2,5 проценти годишно, ќе се создадат 55 илјади нови работни места, невработеноста ќе се сведе до 7,5 проценти, буџетскиот дефицит ќе се симне на ниво под три отсто од БДП, а управувањето со буџетот ќе биде одговорно и сивата економија ќе биде на удар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично