Не поднесува неправда и не сака да молчи. Уште повеќе, смета дека е подобро да се крене гласот и вистината да добие можност да се прошири, да стигне до што повеќе луѓе, да им ги отвори очите на тие што се плашат да гледаат и на другите, кои не сакаат да видат што се случува. Таа е Винка Правулова од Делчево, текстилна работничка со раце оперирани и оштетени од долгогодишната работа на машината за шиење, и активист во Гласен текстилец. Една од жените коишто имаат многу да кажат. Со некои од нив Пари разговараше по повод Меѓународниот ден на жената.
Пари: Кога ќе се спомене текстилка, коментарите се дека тоа е жена што се мачи. Колку е тешко истовремено да си и жена и текстилна работничка?
Правулова: Да знаете само колку е тешко да се изговорат тие зборови ‒ текстилна работничка. Зад нив стојат илјада други зборови, повеќето тажни. Мачни души, изморени, ненаспани, неодморени, болни… А мора да работиш, затоа што од таму чекаш… Издржуваш семејство со игла и конец.
Пари: Ја вреднува ли некој таа мака?
Правулова: Има ли таков што се збогатил од тоа? Нема, ниту ќе има. Тука работиш само за да преживееш, а не за да живееш. Едноставно, текстилецот е многу понижен и не е вреднуван. Донекаде се виновни и самите работници и системот во државата, затоа што во секој закон има дупка.
Пари: Се смета дека работата со игла и конец е женска професија, но дека мажите се газди. Има ли родова поделеност во текстилната индустрија?
Правулова: Да, точно е. Отсекогаш жената била понижена и на пониско скалило од мажот. Наводно, мажите ги работат потешките работи и добиваат повисока плата. И тоа е еден вид дискриминација, затоа што и јас сум работела и знам дека и жените не само што можат да работат на тие работни места, туку се и успешни. Кај нас во текстилството така било и сѐ уште е така. Однесувањето на мажите е такво, како да се посилни во однос на жените работнички.
Пари: Активист сте на Гласен текстилец. Дали сте доволно гласна?
Правулова: Дали сум гласна? Мислам да, доволно. Горда сум на тоа што го имаме постигнато досега. Доживеав многу напади од работодавачите како неспособна за работата, дека Кристина (Ампева од Гласен тестилец – н.з.) лаже, па многу пари сме зеле… Тоа јавно го говореа за да ги исплашат работниците, за да не се бунат. Нѐ заплашуваа, но тоа не влијаеше директно врз нашата работа. Одиме напред иако борбата е многу тешка.
Секојдневно имаме поплаки од работниците за тоа што им го прават работодавачите. Има исклучоци, секоја им чест на таквите, кои треба да им бидат пример на другите. Сѐ уште имаме многу работа. Сѐ уште се даваат пари во коверт, сѐ уште работат неосигурани работници, пензионери со договор на еден месец. Сѐ уште ги дискриминираат работниците, не им исплаќаат К-15, не им плаќаат боледување, не им даваат да го користат целиот одмор што законски им следува… Реков и претходно, тука системот затајува. Потребни се промени во Законот за работни односи, во кој ние како организација веќе не сме таму. Зошто?
Пари: Поради болест заминавте во пензија. Но, како беше во моментите кога и работевте и се боревте за здравјето? Имавте ли разбирање од претпоставените, од газдите?
Правулова: Работникот е добар само додека може да работи, да придонесува во фабриката. Повторувам, со исклучок на некои работодавачи. Гледаат во тебе само пари, големо лицемерие. Штом се разболиш те гледаат со други очи, затоа што веќе не придонесуваш доволно за нив. Јас прво ги оперирав двете раце како последица од работата. Многу години работев на машина, и кога побарав промена на работното место, такво место – немаше. Морав да се пишам технолошки вишок, па потоа да барам друга работа. Па, повторно се разболев и така добив инвалидска пензија.
Но, не застанав. Се борам за работничките права, работам со Гласен текстилец. Сега кога формиравме и Гласен синдикат, во кој го гледам спасот на работникот, ме растажува тоа што работниците сѐ уште се плашат јавно да зборуваат и да се приклучат кон синдикатот. Работодавачите се тие што имаат голема моќ, па ги уценуваат и заплашуваат. Затоа работниците си одат одовде и допрва ќе недостигаат, кога ќе почне сезонската работа низ европските држави. Но, тоа треба да го решат работодавачите, а власта треба да го направи Законот за работни односи да биде во полза на работникот. Тешко е, но заедно ќе се бориме и ќе се избориме. Нели, надежта умира последна.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска