ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | РАДЕВСКА: Сета моја стручност и искуство се насочени кон јакнење на Банката

    Време зa читање: 4 минути

    Целото свое образование, стручност и работно искуство го користам за успешно раководење и соочување со предизвиците, вели Александра Радевска, која ја задржа челната позиција во Управниот одбор на Стопанска банка Битола. Банка, во која го дава својот професионален придонес веќе 11 години. Една деценија како член на Надзорниот одбор, а веќе пет години е дел и од Одборот за ревизија на Банката.

    Со Радевска која, се чини, знае како дише битолската Стопанска банка, разговаравме откако одлуката на Надзорниот одбор за нејзниот реизбор доби и потврда со согласноста дадена од Народната банка.

    Во Управниот одбор со кој ќе раководи во новиот мандат, член е една година, а на претседателската позиција првпат беше именувана во номври.

    Пари: Во органите на управуање на Банката сте долги години, но кусо време по влезот во Управниот одбор Ве избраа за претседател. Сега само се потврди вашата челна позиција. Каква обврска претставува тоа за Вас?

    Радевска: Позицијата претседател на Управен одбор на Стопанска банка АД Битола е голем личен и професионален предизвик, која ја извршував и ќе продолжам да ја извршувам со максимална посветеност, компетентност и професионалност. Целото свое образование, стручност и работно искуство го користам во насока на успешно раководење и соочување со предизвиците во работењето на Банката.

    Пари: Ќе донесе ли тоа новини во работењето на битолската Стопанска банка?

    Радевска: Процесот на промени во работењето на Стопанска банка АД Битола започна во 2023 година.

    Промените во раководството значеа и воведување на промени во сите сегменти од работењето на Банката, со што ја позициониравме Банката да има највисока стапка на адекватност на капитал и највисоко учество на ликвидна актива во вкупна актива на ниво на банкарскиот систем во Република Македонија. Ваквата капитална и ликвидносна позиција креираа високо ниво на доверба кај нашите клиенти, што генерираше значаен раст во депозитната база како основа за понатамошно поинтензивно кредитирање и поддршка на приватниот сектор и економијата во целина. Истовремено, извршивме дорезервации на кредитното портфолио и започнавме засилен процес на наплата на нефункционалните изложености.

    Пари: Кои се резултатите од сето тоа?

    Радевска: Ваквите активности придонесоа кон остварување на позитивен финансиски резултат, кој за првите четири месеци од 2024 година изнесува 33 милиони денари.

    Она што е многу важно за нас, а што е константа покрај сите промени, е дека како помала банка многу добри ги познаваме нашите клиенти, нивните силни страни, историја, нивното работење, а со тоа можеме да им понудиме и соодветно решение за предизвиците со кои се соочуваат.

    Пари: Речиси 11 години го споделувате секојдневието со оваа банка. Каква е Вашата визија за идниот развој на Стопанска банка Битола?

    Радевска: Фактот што долги години пред оваа позиција бев дел од управувањето на Банката ми помогна многу полесно да создадам визија за нејзиното идно работење, базирана на сето она со кое се соочувавме низ годините.

    Стопанска банка АД Битола е присутна на македонскиот пазар повеќе од 75 години, со особена препознатливост за Битола и Пелагонискиот регион. Тековно, банката според својата актива е во групата на мали банки, со потенцијал да прерасне во средна банка. Напорите во секојдневното работење се насочени кон јакнење на нејзините капацитети како од аспект на оперативното работење така и од аспект на имплементирање на новините кои се тренд во банкарската индустрија.

    Визијата на Стопанска банка АД Битола е базирана на клучни приоритети на работењето на банката – посветеноста кон иновациите и дигитализацијата на услугите, како и кон креирањето на уникатни и воедно ефикасни решенија за клиентите со континуирано јакнење на капиталот на Банката.

    Истовремено, како што јавноста е веќе информирана, се разгледува можноста за припојување на Банката кон Комерцијална банка АД Скопје.

    Пари: Во два дена две жени се именувани на високи позиции во две банки, Вашиот и примерот со Максимовска Стојкова во Комерцијална. Во раководството на НБРМ повеќе од половината се жени, а побројни се и во органите на управување во Стопанска банка Битола. Владеат ли жените со банкарскиот систем во Македонија?

    Радевска: Ме радува фактот што во нашата земја имаме слика на поголема доминантност на жени носители на високи позиции во банкарскиот сектор, што морам да споменам дека не е случај на глобално ниво. Тоа значи дека отскокнуваме од тие светски просеци кога станува збор за проблематиката родова еднаквост во бизнисот, но сметам дека тоа е целосно заслужно и оправдано со професионалните компетенции и образованието на жените кои се на овие позиции во земјата.

     

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично