ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Мартиноски: Инвестициската стратегија на КБ Прво пензиско друштво го внесе во друштвото на најголемите пензиски фондови во Европа

    Време зa читање: 8 минути

    Горан Мартиноски е член на Инвестицискиот одбор на КБ Прво Пензиско Друштво, со 16 годишно искуство во областа на инвестирањето и финансиските пазари, од кои повеќе од 10 години на местото Раководител на сектор за управување со средства.

    Неговото професионално искуство вклучува вештини во стратешко планирање и тактичко извршување,  управување во мултимилионски средства на фондови, алокација на средства, пензиско советување, инвестициско советување, финансиска анализа, буџетирање, макроекономски анализи и сл.

    Во интервјуто за „Пари“, Мартиноски зборува како КБ Прво пензиско друштво стана добитник на престижната европска награда „BestPassiveInvestmentManagement“, што  е најбитно кај инвестиционата стратегија, како и стратешката одлука за изложеност во странски акции и удели да биде блиску до максималниот лимит од регулативата се покажала како клучна за резултатите кои се постигнати во изминатиов период.

    Пари: На овогодинешниот настан за награди на европските пензиски фондови одржан од страна на IPE во Ротердам ‒ Холандија, КБ Прво пензиско друштво е добитник на престижната награда „BestPassiveInvestmentManagement“.Што поточно значи оваа награда и за што се добива?                                                                                                                                                 

    Мартиноски: Наградата претставува признание на нашата досегашна работа и резултатите кои се остварени во изминативе 17 години. Ова е признание за инвестициската стратегија која ја користиме во управување со средствата на пензиските фондови. Да се добие награда за инвестициска стратегија во конкуренција на многу пензиски фондови во Европа е потврда дека во континуитет користиме стратегија која дава резултати за нашите членови. Особено е значајно за нас дека во образложението на наградата беа препознаени трите столба на кои се базира стратегијата. Нашата инвестициска стратегија следи пасивен принцип на реплицирање на глобален индекс кој е широко диверзифициран и ги опфаќа најголемите компании во САД, Европа, Азија,регионот Пацифик и државите во развој. Второ, означува дека одлуката за структурата на портфолиото во која целосно се искористуваат лимитите за инвестирање во странски акции (ЕТФи) и, финално, инкорпорирањето на одговорно инвестирање (ЕСГ) во делот со странски хартии од вредност со користење на т.н. „метод на таргетирање“,кој е уникатен и креиран од тимот на КБ Прво пензиско друштво.

    Пари: Што значи оваа награда за КБ Прво пензиско друштво дома и на меѓународно ниво?                   

    Мартиноски: Наградата беше доделена од страна на реномираната организација ИПЕ (Investment and Pension Europe) која 25 години претставува авторитет во индустријата за инвестирање и пензии во Европа. Имајќи предвид дека жири-комисијата е составена од преку 70 истакнати професионалци од пензиската и инвестициската индустрија во Европа, наградата има голема тежина. Да се биде во друштво на најголемите пензиски фондови во Европа што управуваат со средства кои ги надминуваат и најразвиените економии е чест, а да се добие ваква престижна награда е огромен успех.

    Пари: Може ли да ни објасните малку повеќе за стратегијата која ја користи КБ Прво пензиско друштво во управување со средствата на пензиските фондови со кои управува?

    Мартиноски: При подготовка на инвестициона стратегија неопходно е да се утврдат целите, хоризонтот за инвестирање и толеранцијата за ризик. Во задолжителниот фонд, на пример, просечна возраст на членовите е околу 36 години.Со оглед на тоа што во моментов, согласно со регулативата, право на остварување за пензија се стекнува на 62 години за жени и 64 години за мажи, може да се утврди дека инвестициониот хоризонт е околу 30 години. Со оглед на карактерот на средствата и нивната намена во процесот на инвестирање се користи балансирано портфолио. Балансираното портфолио опфаќа 32% инвестиции во акции и удели на инвестициски фондови и остатокот се инструменти со фиксен принос, односно обврзници и депозити.

    Стратешката одлука за изложеност во странски акции и удели да биде блиску до максималниот лимит од регулативата се покажа како клучна за резултатите кои се постигнати во изминатиов период. Стратегијата која се користи за овој дел од портфолиото е т.н. пасивна стратегија, односно индексирање, а цел е да се остварат пазарните приноси на акциите. Со реплицирањето на индекс кој ги опфаќа најголемите компании во целиот свет се остварува максимално диверзифицирано портфолио и изложеност на сите региони во светот. Во текот на изминатиов период имало дискусии за ефикасноста на оваа стратегија наспроти активната стратегија, не само кај нас туку и на светско ниво, но резултатите кои ги имаме со оваа стратегија докажуваат дека сме  направиле одличен избор, а добиените меѓународни признанија се само потврда за оваа одлука.

    Дисциплинираното применување на пасивната стратегија се докажа дека е клучно и во периоди на раст на пазарите, но и во услови на несигурност и волатилност на пазарите.

    Пари: Во последните години многу често се зборува за т.н. одговорно инвестирање, односно примена на ЕСГ. Дали КБ Прво пензиско друштво во управувањето ги земапредвид овие принципи?

    Мартиноски: Започнувајќи од 2021 година, беше имплементирано одговорното инвестирање(ESG) во портфолиото на фондовите.

    Одговорното инвестирање се темели на вредностите и верувањата кои ги живееме ние и нашите членови, а преку инвестициите се трудиме да пренесеме позитивно влијание врз животната средина и општеството во целина, односно да го направиме светот подобро место за живеење за сите нас. Веруваме дека преку инвестирањето ќе поттикнеме да се активираат промени за социјални и еколошки цели. Јас би рекол дека ова е идеална комбинација затоа што со нашите заштеди заработуваме за деновите во пензија, но исто така придонесуваме за да живееме во поубава и поздрава животна средина. За овој период успеавме да го зголемиме т.н. ESG Score на странското портфолио за фантастични 41%, а да го намалиме продуцирањето на јаглерод диоксид на странското портфолио за 26,5%.

    Пари: Една од главните цели на КБ Прво пензиско друштво е управување со средствата на членовите и нивно инвестирање. Колку тежи инвестициското портфолио на фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво и дали сте задоволни од досегашните резултати?

    Мартиноски: Согласно со податоците на Друштвото, заклучно со 30.11.2022 година, средствата на двата фонда со кои управува КБ Прво пензиско друштво надминуваат 970 милиони евра и согласно со проекциите за следната година очекуваме да надминеме 1 милијарда евра средства под управување, што претставуваат заштеди на членовите на фондовите. Согласно со ревидираните финансиски извештаи на фондовите од основањето, заклучно со 2021 година, остварената добивка на фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво е над 300 милиони евра, и истата е распределена на членовите на фондовите. Со оглед на растот што е остварен во изминатиот период, не може а да не бидеме задоволни од досегашните резултати кои беа остварени за нашите членови.

    Пари: Оваа година беше многу турбулентна за пазарите, кои се вашите очекувања за следниот период?

    Мартиноски: Годината што изминува беше многу турбулентна, почнувајќи од енергетската криза, воениот конфликт во Украина и високата инфлација. Сето ова донесе една многу специфична ситуација, монетарните власти водат политика на рестриктивна политика преку зголемување на каматните стапки со цел да ја запрат и намалат инфлацијата, а, од друга страна,во услови на криза владите се притиснати да го помагаат стопанството и граѓаните, со што се зголемуваат трошењата на владите.Ваквата состојба е ретка во историски контекст. Но овие периоди, исто така, треба да се гледаат и како можност за некоја голема промена. Ако ја анализираме, на пример, кризата со Ковид-19, покрај сите трагедии кои ги доживеаја многу семејства и штети кои ги направи на економијата, развојот во дигитализацијата и развој на ИТ-секторот се неоспорни. Многу од компаниите ги забрзаа дигитализациите на архивите, комуникацијата со видео-врски стана секојдневие и останати напредни технологии, што освен заштеди направија позитивно влијание и врз животната средина. Во овој контекст, енергетската криза ја сметам како забрзување на процесите за енергетска независност на секоја држава и тоа стана приоритет за сите влади, поттикнување и забрзување на проектите за зелена енергија и производство на енергетско ефикасни уреди. Сето ова сметам дека треба да го искористат владите и да биде основа за иден раст и развој. Во однос на пазарите на капитал, останувам оптимист и верувам дека наредните години ќе има раст на берзанските индекси, можеби не со интензитет како претходните неколку години, но сепак ќе зборуваме за раст и позитивни приноси од инвестициите.

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично