Илина Георгиева и Стефан Трпковски се атлетите што ја претставија нашата земја на годинешната Зимска специјална Олимпијада во Торино, од која се вратија со сребрен и бронзен медал. Обајцата исклучително вредни, амбициозни и талентирани, Илина и Стефан настапија во категоријата спортски танц на кореографија на студиото Еурека, а носеа костими од модната креаторка Елене Лука. За жал, радоста за исклучителниот успех беше истисната од трагедијата што се случи во Кочани, веднаш по нивното враќање во земјата. Поради исклучителниот влог на овие двајца млади луѓе, порталот Пари сега ја користи приликата да поразговара со нив.
Пари: Од Зимската специјална Олимпијада 2025 во Италија се вративте со сребрен медал (Илина) и бронзен медал (Сетефан) во спортски танц. Кажете ни нешто повеќе околу вашиот настап, кореографијата, музиката…
Стефан: Благодарност до Специјална Олимпијада Македонија што ми овозможи да бидам дел од тимот што отпатува на Специјалните зимски Олимписки игри во Торино. Музиката за мојот настап сам си ја одбрав. Во неа се раскажува за соколот – јунак кој пие вода од реката Вардар и од височините ги гледа јунаците. Музиката буди силни чуства. Многу јако. А ритамот на песната е борбен, навивачки, победнички.
Илина: Јас танцував на песната „Ој девојче“ во изведба на Тоше. И јас самата си ја одбрав песната. Во неа се ракажува за едно македонско девојче, убаво како јаболче. Песната е многу весела и ми помогна да се ослободам од тремата. На почетокот на танцот прво глумев како да се гледам во огледало, си ја местев косата, малку се правев важна. Тоа на публиката и се допадна.
ПАРИ: Како се чувствувавте кога настапивте на сцената во Торино, пред толкава публика и интернационално жири? Имавте ли трема?
Илина: Имав малку трема на почетокот, ама потоа се опуштив и играв најслободно. Ја повикав публиката да ми аплаудира за да ме охрабри. Носев убав костим – хеланки и бела везена кошула. Имав супер фризура, шминка и бев одлично подготвена за на сцена. Мислам дека добро ја претставив Македонија.
Стефан: Да, имав малку трема. Не е исто кога вежбаш во студио и кога играш на сцена пред жири и толкава публика. Ама на сцената ме понесе музиката и успеав да ја изведам точката, која не беше лесна, онака како што треба.
ПАРИ: Бевте сместени во Бардонекија, мало градче на француските Алпи, но успеавте да го видите и Торино. Што од целото ова патешествие ви остави најдлабок впечаток?
Стефан: Најголем впечаток ми оставија дружбите со останатите атлети од другите држави, како и високите планини со многу снег, возењето со воз до Торино и шетањето низ Торино. Беше многу убаво. А не можам да ја заборавам и италијанската пица. Многу вкусна.
Илина: Патувањето со авион со целиот тим на Специјална Олимпијада Македонија беше многу забавно. Летавме преку Истанбул, таму јадевме, убаво се дружевме. Хотелите во Италија беа супер, храната вкусна. Јас многу ја сакам италијанската храна – пици и шпагети. Со нашата инструкторка Кате пиевме и кафе и чај и сепак, гледавме здраво да се храниме. Мене ми бeше интересно да ги слушам луѓето како зборуваат, бидејќи малку сум учела италијански и разбирам некои зборови. Се запознав со другите натпреварувачи и најмногу ми се допадна настапот на натпреварувачот од Австрија.
ПАРИ: Кој најмногу ве бодреше за време на настапот?
Илина: Најмногу ме храбреа моите инструкторки Кате и Стефи, мојот другар Стефан и моите родители и сестра ми. Ме храбреа и судиите кои ми кажаа убави зборови. По настапот ми честитаа другите натпреварувачи и многу други луѓе.
Стефан: Додека танцував, најмногу ме бодреа мајка ми и брат ми Оги, а и сите во салата аплаудираа.
ПАРИ: Што значи овој медал за вас?
Стефан: Горд сум на постигнатиот успех. Во финале бевме четворица најдобри танчери на ЗОИ Торино 2025, Америка, Португалија и Кина. Кога се вратив во Скопје моите колеги организираа средба во кафуле за да го прославиме мојот успех.
Илина: Овој медал ми е важен бидејќи е сребрен и е од Специјална Олимпијада. Драг ми е и затоа што е за нешто што многу го сакам – танцот. Јас напорно вежбав и со моите инструкторки, ама и сама.
ПАРИ: Дали и натаму продолжувате со тренинзите по танц?
Илина: Моментално интензивно тренирам пливање, a ќе продолжам и со танцот. Многу сакам латино танци – бачата, самба и румба. Ми се допаѓа латино музиката, а порано тренирав и хип хоп. Сакам да научам да играм и оро – македонско ама и грчко. Знам малку, ама сакам убаво да научам.
Стефан: Да, продолжив со тренинзите по танц во студиото на Еурека, со тренерите Кате Јолаковска и Стефани Кралевска. Периодов ќе имам и други натпревари како државни, така и меѓународни.
ПАРИ: Кои се другите активности што ги имате во текот на неделата?
Стефан: Јас веќе две години работам во Општина Кисела Вода и среќен сум што сум дел од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Имам многу колеги и одлично сум прифатен. Во текот на неделата покрај танцот, имам уште многу редовни спортски активности.
Повеќе од 14 години тренирам пливање, сум учествувал на летните олимпијади во Лос Анџелес, Дубаи и Берлин и на сите имам освоено медали. Учествував и на Европското првенство во Монте Карло и освоив две медали за пливање. Во Грац, на Олимпијадата за танц освоивме сребрен медал во формација, а имам уште многу други успешни натпревари. Еднаш неделно тренирам карате, фудбал, одам во фолклорна група, а имам и други активности.
Илина: Јас работам во една фирма за пакување од понеделник до петок. Во текот на неделата одам на пливање и на кондициски спортски вежби. Оваа година со Специјална Олимпијада бев на таков натпревар на Малта и таму освоив медал. А со медал се вративме и од танцовиот натпревар на Специјалната Олимпијада во Грац. Во слободно време сакам да шетам во град со моите родители, да одиме на кафе или на пица. Кога сум дома – главно слушам музика или си играм со моето маче. Моја омилена група е ДНК и многу сум тажна поради она што се случи.
ПАРИ: Што е вашата најголема желба, неостварен сон?
Илина: Многу сакам музика. Сакам да одам на концерти – на концерт на Петар Грашо, Владо Јаневски. Сакам некогаш да пејам и јас на сцена. Веќе сум настапувала многу пати со хорот на Ветерница. Сакам да одам и на повеќе натпревари во пливање. Сакам многу да патувам – пак би сакала да одам во Италија, Грција, Шпанија, а сакам да го видам и Дубаи. Уживам во топло време и места каде што има море и пливање.
Стефан: Мојата најголема желба е да си купам кола и да научам да возам.
Мимоза Петревска Георгиева