На самиот старт од работнава седмица инвестирани се 717 илјади евра во акции на Комерцијална банка. Над 211 илјади евра се изброени во две блок-трансакции, што значи купувачот е познат, а 506 илјади евра се реализирани како дневен промет во редовното тргување на официјалниот пазар. Со тие пари се купени вкупно 1.425 акции.
Првата блок-трансакција е со вредност од 6.200.000 денари (100,8 илјади евра). Опфаќа 200 акции, со единечна цена од 31.000 денари.
И вториот блок е пресметан по истата цена. Со таа разлика што овде се работи за 220 акции, па вкупно за нив се дадени 6.820.000 денари (110,9 илјади евра).
Во дневната статистика, пак, на официјалнјот пазар, забележано е дека на 20 јануари со акциите на Комерцијална банка е направен промет од 31.115.050 денари или 505,9 илјади евра. За истргувани 1.005 акции по просечна цена од 30.960,25 денари.
Од почетокот на годинава, поточно во десет дена, имало шест блок-трансакции. По два дневно на 10, на 17 и засега последните на 20 јануари. Сите заедно бројат 892 акции, платени по различни цени, кои се движат од 28.550 па сѐ до 31.000 денари.