ПОВЕЌЕ

    ПОМАЛКУ ЛЕЖАЛКИ И ЧАДОРИ, ПОВЕЌЕ ГРИЖА ЗА ПРИРОДАТА – Грција го регулира користењето на плажите

    Време зa читање: 4 минути

    Грчкото Министерство за економија и финансии претстави нова рамка со која се регулираат плажите и бреговите, со цел да им се овозможи на граѓаните непречен пристап до ова јавно добро. Се чини дека со новиот закон Грција ќе им застане на патот на несовесните сопственици на локали, кои ја прошируваат зоната со лежалки и чадори и не се грижат да обезбедат безбеден премин до водата за сите посетители.

    Блогот „Real Greek Experiences“ ги претставува главните новини на новиот закон, кој значително ќе влијае на искуствата на туристите кои летово ќе ја посетат Грција. Според него, грчката влада воведе нова платформа за е-аукции која ќе овозможи учество на тендери за закуп на дел од плажата, со цел транспарентност, ефикасност на процесот и воспоставување стандардизирани договори за концесија.

    Тие јасно ќе наведат со кој дел од плажата располага закупецот, кои се неговите обврски, како и времетраењето и висината на закупот.
    Победниците на тендерот ќе добијат право привремено да изнајмат дел од плажата, каде што ќе можат сезонски да изнајмуваат лежалки и чадори, како и да работат кафулиња и ресторани. Времетраењето на секој договор се одредува на најмногу три години.

    ПЛАЖИТЕ ДОСТАПНИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

    Според новиот закон, одредени плажи ќе се сметаат за „високо заштитени“, а многу од нив се во мрежата „Натура 2000“. За да се вклучат во таа категорија, тие мора да исполнуваат неколку критериуми: да бидат во заштитено подрачје, да се дом на ретки видови флора и фауна или да бидат означени како области со извонреден биодиверзитет. На ваквите плажи строго ќе биде забрането изнајмување лежалки и чадори.

    Со новиот закон се воведува ограничување во однос на максималната површина што закупецот на дел од плажата може да ја заземе, не повеќе од 50 отсто од површината на плажата. На пример, ако површината на плажата е 10.000 квадратни метри, минимум 5.000 мора да бидат слободни.

    Кога станува збор за просторот каде што е можно изнајмување, лежалките и чадорите можат да покријат само 60 отсто од таа површина, а во областите од мрежата „Натура 2000“ само 30 отсто.

    Концесионерите се обврзуваат да ја исчистат плажата, да постават санитарна инфраструктура, како и да ја отстранат целата опрема на крајот на летната сезона и по истекот на договорот.

    Со цел да се следи усогласеноста со новиот закон, грчката влада планира да воведе две нови алатки. Едната е дигитална апликација која им овозможува на граѓаните директно да пријават прекршување на законот, како што е проширување на просторот покриен со лежалки, нечистотија и несоодветни услуги.

    За редот на плажите ќе се грижат и дронови и сателитски снимки, како и контролори. Прекршувањето на законот ќе повлекува парични казни.

    Незаконското поставување објект за услуги на плажа без договор за концесија ќе се казнува со четири пати поголема глоба од минималниот износ за закупнина во дадениот регион, а системот автоматски ќе ја пресметува.

    Доколку закупецот незаконски ги премине границите на доверениот дел од плажата, ќе треба да плати и глоба во износ од четири пати повеќе од износот што го плаќа месечно како кирија.

    Во двата случаи, секоја нелегално инсталирана опрема мора да се отстрани во рок од 48 часа. Ако прекршувањето на договорот било сериозно, бизнисот мора веднаш да се затвори и да се запечати 24 часа. На прекршителите ќе им биде забрането да учествуваат на идните тендери, а доколку продолжат да стопанисуваат со затворените простории ќе им се заканува затворска казна од една година.

    Угостителските објекти во непосредна близина на плажите, како што се хотели и таверни, можат да аплицираат за концесија. За да се обезбеди јавен пристап до плажите, задолжително е да се обезбеди зона широка шест метри помеѓу секој изнајмен дел.

    Дури и во овие случаи, 50 проценти од плажата мора да биде достапна за јавноста.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично