
Платите, заштедите и економијата пораснаа, но износот до кој државата ги гарантира банкарските депозити остана непроменет повеќе од една деценија. Додека во Собранието се разгледуваат измени на Законот за Фондот за осигурување на депозити, даночниот експерт Павле Гацов предлага значително поголема заштита за штедачите – зголемување на осигурениот износ од сегашните 30.000 на 50.000 евра, со истовремено проширување на осигурувањето и на микропретпријатијата.
Гацов посочува дека постојниот лимит повеќе не одговара на економските услови во државата. За изминатите петнаесетина години значително се зголемиле бруто-домашниот производ, платите и заштедите, додека прагот на осигурување останал ист.
Според важечките правила, Фондот за осигурување на депозити обезбедува обесштетување до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент во една банка или штедилница. Законското решение предвидува зголемување на овој износ на 100.000 евра со пристапувањето на Македонија во Европската Унија, но Гацов предупредува дека времето на членството и понатаму е неизвесно.
„Важно е да се зголеми прагот на осигурување на депозитите во банките од 30.000 на 50.000 евра“, нагласува Гацов, предлагајќи заштитата да ги опфати и микро трговските друштва. Со неговата иницијатива би биле опфатени денарските и девизните депозити, средствата на трансакциските сметки, депозитите поврзани со платежните картички и девизните приливи.
Даночниот експерт смета дека повисокиот праг ќе ја зајакне довербата во банките и ќе го поттикне штедењето, со што би се зголемиле средствата што банките можат да ги пласираат како кредити. Дополнително, според него, насочувањето повеќе пари кон банкарскиот систем би ја намалило употребата на готовина, а со тоа и просторот за сивата економија, даночното затајување и корупцијата.
Гацов признава дека проширувањето на заштитата би значело повисоки трошоци за банките, но оценува дека високата профитабилност во изминатите години им овозможува да го поднесат дополнителниот финансиски товар.
Тој нагласува дека македонскиот банкарски сектор е стабилен и дека токму сегашните услови треба да се искористат за навремено зајакнување на заштитата на штедачите.
Предлог-законот доставен од Владата предвидува измени во организацијата и надлежностите на Фондот, но не и зголемување на осигурениот износ на 50.000 евра. Дали предлогот на Гацов ќе добие поддршка во законодавната постапка, засега останува отворено прашање.
Аналитика








