
Од план за преземање четири банки во три држави, до сериозен пресврт во банкарскиот договор со Рајфајзен – за само неколку дена кризата со Алта банка ги промени очекувањата за едно од најголемите банкарски преземања во регионот. Австрискиот Рајфајзен, чија понуда за преземање на Адико успешно помина во август, сега официјално соопшти дека повеќе не очекува АЛТА групацијата да ги добие неопходните регулаторни одобренија за планираното преземање на четирите регионални банки. Наместо првично договорената поделба, Рајфајзен очекува да ги задржи сите банки на Адико, вклучително и оние во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Пресвртот следува по одлуката на Народната банка на Србија од 30 октомври да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка АД Белград, поради значително влошување на нејзината финансиска состојба и ризици за ликвидноста.
Случајот со Алта банка отвори и прашања за ефикасноста на банкарскиот надзор во Србија. Верољуб Дугалиќ, поранешен генерален секретар на Здружението на банки на Србија, во изјава за телевизијата N1 оцени дека проблемите со ликвидноста не се појавуваат одеднаш, туку се развиваат со месеци, а понекогаш и со години. Тој потсети дека Народната банка на Србија секојдневно располага со податоци за ликвидноста на банките, поради што го постави прашањето зошто не било реагирано порано.
Според Дугалиќ, случајот претставува сериозна дамка врз угледот на банкарскиот сектор, но не очекува да ја загрози неговата целокупна стабилност. Тој смета дека граѓаните немаат причина за паника, истовремено барајќи одговори за начинот на кој бил вршен надзорот врз АЛТА банка.
Првичниот план, претставен во април годинава, предвидуваше Рајфајзен да ја преземе австриската Адико групација, а потоа на АЛТА групацијата да ѝ ги продаде четирите банки во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Станува збор за Адико банка Белград, Адико банка Сараево, Адико банка Бања Лука и Аддико банка Подгорица. Рајфајзен требаше да ги задржи банките во Хрватска и Словенија, како и австриската матична банка.
АЛТА групацијата беше важен партнер во преземањето. Таа поседуваше директен удел од 9,63 проценти во Аддико и ја поддржа понудата на Рајфајзен.
На 3 август беше потврдено дека понудата на Рајфајзен е успешно прифатена за 56,16 проценти од акциите опфатени со понудата, со што беше надминат потребниот праг.
Но, успешната понуда не значи и завршено преземање. На останатите акционери им е оставен дополнителен рок за прифаќање до 3 ноември 2026 година, додека потребните регулаторни и антимонополски одобренија треба да се обезбедат најдоцна до 14 мај 2027 година.
Продажбата на четирите регионални банки на АЛТА првично беше планирана за втората половина на 2027 година. Токму реализацијата на овој дел од трансакцијата сега е доведена во прашање.
По одземањето на дозволата на АЛТА банка, од Адико банка Белград соопштија дека случувањата немаат влијание врз нивното работење.
Како што пренесува N1 Србија, Аддико нагласува дека е посебна банкарска институција, работи со сопствена дозвола и нема финансиска изложеност кон АЛТА банка.
Банката наведува адекватност на капиталот од 23,47 проценти и показател за покриеност на ликвидноста од 282 проценти, уверувајќи дека платежниот промет, депозитите, кредитите и другите услуги се одвиваат редовно.
Во Босна и Херцеговина, пак, регионалните медиуми отвораат дополнителни прашања за финансиските врски на АЛТА. N1 БиХ објави дека српската банка претходно ѝ одобрила кредит од 22 милиони евра на Владата на Република Српска, а имала и кредитен аранжман со Олимпискиот центар „Јахорина“.
Со одземањето на дозволата се отвораат прашања за натамошното администрирање на тие побарувања, но кредитните обврски не престануваат поради затворањето на банката.
Случувањата во Србија имаат директни последици и за АЛТА банка АД Битола, во која Народната банка на Македонија на 1 ноември воведе привремена администрација.
Според македонската централна банка, мерката е воведена поради случувањата со српскиот акционер со квалификувано учество, а не поради нарушена финансиска состојба на домашната банка.
Народната банка нагласува дека АЛТА банка Битола е ликвидна, високо капитализирана и дека продолжува да работи со важечка дозвола. Сепак, воведени се ограничувања во располагањето со средствата: физичките лица можат да користат до 10.000 денари неделно преку платежните картички, додека трансферите во рамките на банката остануваат овозможени без ограничување на износот.
За правните лица привремено се ограничени трансферите надвор од банката, а од 2 ноември нејзините експозитури привремено не работат со клиенти.
Привремената администрација е насочена кон заштита на имотот на банката и интересите на штедачите до разрешување на сопственичката состојба.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








