ПОВЕЌЕ

    Кои се функциите и која е потребата за личен банкар?

    Време зa читање: 3 минути

    Привлекување на нови клиенти и задржување на постоечките наметнува потреба за континуирано проширување на производите и услугите кои ги нудат банките. Една таква услуга е и услугата на личниот банкар.  Имањето на личен банкар во минатото било привилегија за големите клиенти. Меѓутоа, потребата за зголемување на степенот на персонализација при понуда на банкарските услуги и производи овозможило оваа услуга, во некоја основна форма, да биде достапна и за останатите клиенти на банката во форма на личен банкар.

    Што всушност преставува личниот банкар?

    Личниот банкар е вработен во банка кој што е на располагање на своите клиенти кои имаат потреба за користење на различните видови на производи и услуги. Улогата на личниот банкар, е да одржува адекватен однос со клиентите на банката, понуда на различните производи и услуги на банката и зголемување на приходите на банката. Треба да се напомене дека личниот банкар може да има и улога при оценка на подобноста на клиентот.

    Имено, личниот банкар прави проценка за влијанието на нов клиент врз портфолиото на банката. Врз основа на оваа проценка може да се донесе одлука дали некој субјект (голем клиент) да се  прифати како клиент на банката. Гледано од аспект на клиентите, личниот банкар може да има информативна улога и советодавна улога или улога при управување со средствата на клиентите. Функциите кои ќе се извршуваат, зависат од улогата на личниот банкар.

    Личниот банкар кој има информативна и советодавна улога треба навремено да ги информира клиентите за новите производи и услуги. Со други зборови, личниот банкар е одговорен за информирање на клиентите за процесот на отворање на сметки, аплицирање за кредитни картички, процесот на апликација за кредити, отворање на депозити, итн. Исто така, личниот банкар ги води клиентите низ целиот процес на користење на некој производ или услуга. Личниот банкар има одговорност за решавање на можни проблеми со кои би се соочиле клиентите. Притоа, личниот банкар треба да понуди совети поврзани со најсоодветните производи согласно потребите на клиентите.

    Улогата за раководење на средствата на клиентот наметнува потреба за висок степен на доверба помеѓу клиентот и личниот банкар. Потребата за доверба е резултат на тоа што личниот банкар управува со средствата на клиентот. Имено, во оваа улога личниот банкар управува со финансиите на клиентот. Процесот на управување подразбира реализирање на налози за плаќање, инвестирање на средствата, договарање на условите за кредити или депозити, итн.

    Додека во минатото услугата за личен банкар беше достапна за богатите клиенти, во денешно време оваа услуга може да биде достапна за сите клиенти на банката. Во минатото клиентите кои биле категоризирани како ВИП клиенти имале на располагање личен банкар во самата централа  на банката. Меѓутоа, денес банките одат чекор напред и нудат можност за личен банкар и во своите експозитури. Личниот банкар во експозитурите најчесто има информативна и советодавна улога. Меѓутоа и вака дефинираната улога на личниот банкар овозможува големи број на поволности за клиентите и за самата банка. Треба да се напомене дека користењето на ваква услуга понекогаш е проследено и со дополнителни провизии.

    Дали мислите дека треба да се зајакне понудата на услугата за личен банкар?

    Дали би користеле ваков вид на услуга?

     

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично