ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ АНАЛИЗА: ФИРМИТЕ СЕГА ИМ ДОЛЖАТ НА БАНКИТЕ 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, како било пред 10 години

    Време зa читање: 4 минути

    Околу 300 милиони евра е зголемен долгот што го има  нефинансискиот сектор (главно фирми) кон банките во текот на минатата година, покажуваат податоците на Народната банка. Имено, долгот на 31.12.2021 година бил околу 3 милијарди евра, а на крајот од 2020 година кредитите на нефинасиските друштва биле околу 2,7 миијарди евра. Далечната 2012 година завршила со пласирани кредити во нефинансиски друштва во износ од 2,1 милијарди евра.

    Банките се главниот извор на финасирање на проекти на компаниите, но она што сега фирмите го забележуваат е дека во услови на криза, тие се извор и за обезбедување на тековна ликвидност, што и не е развојна компонента за нивниот бизнис и што не создава нова вредност од која ќе се отплаќаат кредитите. Оттука и главната забелешка на стопанството насочена кон последниот сет на државни мерки во кој поддршката на стопанството, гавно треба да се одвива токму во зоната на кредитирањето.

    Поталот „Пари“ го анализраше кредитирањето. Податоците од Народната банка покажуваат дека лани износот на бруто кредити дадени од страна на банките бил 6,2 милијарди евра од кои 3 милијарди евра се кредити на нефинансиски субјекти, а 3,2 милијарди евра се кредити дадени во домаќинствата. Најголем износ на кредити дала Стопанска банка, иако според активата, најголема е Комерцијална банка која пак, е трет кредитор на листата за 2021 година. Второ место по обемот на кредити и припаѓа на НЛБ банка, која е трета по големина банка, според активата.

    Кредитирање во 2021 година

    БанкаБруто кредити на нефинанс. субјектиКредити на нефинанс. друштваДомаќинства
    Стопанска Банка Ад Скопје1,3 милијарди евра458,6 милиони евра839 милиони евра
    НЛБ Банка1,1 милијарда евра445 милиони евра696 милиони евра
    Комерцијална Банка922,6 милиони евра579 милиони евра303 милиони евра
    Шпаркасе894 милиони евра470 милиони евра423 милиони евра
    Халкбанк811 милиони евра401 милион евра385 милиони евра
    Прокредит Банка461,5 милиони евра409 милиони евра51,5 милиони евра
    Универзална Инвестициона Банка275 милиони евра84 милиони евра189 милиони евра
    Централна Кооперативна Банка120 милиони евра12,7 милиони евра107 милиони евра
    Стопанска Банка АД Битола117 милиони евра61 милион евра55,5 милиони евра
    Силк Роуд87 милиони евра26 милиони евра59,6 милиони евра
    ТТК Банка80,6 милиони евра23,3 милиони евра57,4 милиони евра
    Капитал банка30,8 милиони евра16 милиони евра14,5 милиони евра
    Развојна банка1 милион евра487.000 евра-
    Вкупно6,2 милијарди евра3 милијарди евра3,2 милијарди евра

    Кредитирањето, како на домаќинствата, така и на нефинасиските друштва е во постојан подем. Податоците поажуваат дека фирмите за 10 години ги зголемиле своите кредити за 42,8 проценти, од 2,1 милијарди евра на 3 милијарди евра. Нефункционалните кредити пак се на ниско ниво. Во третиот квартал од 2020 година (за кога Народната банка објави последен извештај за ризиците во банкарскиот сектор), соодносот меѓу нефункционалните и вкупните кредити се задржа на историски најниското ниво од 5,1% во портфолиото на корпоративни кредити.

    Како растеле кредитите за фирмите и други нефинансиски субјекти во текот на 10 години?

     (во милијарди евра)

    На крај на годинаКредити на нефинансиски друштва
    20122,10
    20132,19
    20142,38
    20152,55
    20162,45
    20172,53
    20182,65
    20192,71
    20202,74
    20213,00

    Како што може да се забележи, во изминатава деценија, пад на кредитирањето имало единствено во 2016 година како резултат на пролонгираната политичка криза. Тогаш Инстититот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ во својот извештај нотирал:

    „Намалувањето на бруто инвестициите се потврдува и со намалениот раст на кредитите кон приватниот сектор. За прв пат по пет години, кредитирањето кон фирми се намалува. Од 7.1% кредитен раст во 2015 година, кредитирањето забележа пад од 4% во 2016 година. Ова е индикатор дека склоноста на приватниот сектор да користи кредити за финансирање на инвестициските потфати се намалува, што е директна рефлексија на пролонгираната политичка криза која создава голема несигурност во приватниот сектор“.

    Како планира државата да го поддржи кредитирањето?

    На 9-ти март Владата го донесе и објави сетот од 26 мерки. Делот за компаниите главно се темелии на нивна поддршка – како да дојдат до кредити за да обезбедат пари за редовно работење и за инвестирање. Но, досега Владата, освен што ги објави овие мерки, не објави и конкретни упатства и насоки за можноста за користење на кредити и субвенционирани камати.

    Мерките што се највија за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија вклучуваат:

    – Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година;

    – Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната Банка на Северна Македонија на компаниите.

    Се најави и кредитирање преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства; користење на Гарантниот фонд на Развојната банка; кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Владата информираше и дека се воведува нова поволна кредитна линија со поддршка на Европската инвестициона банка за зелена транзиција вредна 100 милиони евра, како и поволни кредити за Зелено финансирање, обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, преку УНДП и комерцијалните банки во земјата во висина од 45 милиони евра, за физички и правни лица за инсталирање на фотоволтаици и средства за енергетска ефикасност.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично