
Ден пред истекот на продолжениот рок за преземање на Addiko Bank AG, новите објави за трансакциите на раководните лица покажуваат како се определиле клучните луѓе во банката во битката меѓу Raiffeisen Bank International (RBI) и NLB. Најголемиот дел од менаџментот ги продал своите акции преку понудата на РБИ од 26,50 евра по акција, додека заменик-претседателот на Надзорниот одбор, Јоханес Прохш, уште на 17 јули ја прифатил повисоката понуда на НЛБ од 37 евра по акција.
Трансакциите се објавени на веб-страницата за односи со инвеститори на Адико, во согласност со член 19 од европската Регулатива за злоупотреба на пазарот (MAR), која ги обврзува котираните компании јавно да ги објавуваат трансакциите со акции што ги вршат лица на раководни функции, извести Bankar.me.

Според објавените податоци, претседателот на Управниот одбор, Херберт Јуранек, продал 35.406 акции по цена од 26,50 евра, односно за вкупно 939.259 евра. Финансискиот директор Едгар Флагл продал 7.793 акции за 206.534,50 евра, членот на Управниот одбор Тадеј Красовец продал 11.771 акција во вредност од 311.931,50 евра, а Ганеш Кумар Кришнамоорти отуѓил 31.089 акции за 823.858,50 евра. Претседателот на Надзорниот одбор Курт Прибил продал 4.300 акции за 113.950 евра. Во сите пријави е наведено дека акциите се продадени преку доброволната јавна понуда на РБИ.
Од друга страна, заменик-претседателот на Надзорниот одбор, Јоханес Прохш, на 17 јули продал 195.000 акции преку понудата на НЛБ, по цена од 37 евра за акција. Со оваа трансакција, чија вкупна вредност изнесува 7,215 милиони евра, тој ја прифатил подобрената понуда на словенечката банка.
Во меѓувреме, РБИ соопшти дека нејзината доброволна понуда досега ја прифатиле 55,58 проценти од акционерите, што претставува 10.720.581 акции, вклучувајќи ги и 1.878.167 акции во сопственост на Алта Груп. На оваа бројка дополнително ќе се додадат и акциите што ги депонирале членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Адико.
Иако овие трансакции не го одредуваат конечниот исход на преземањето, тие јасно покажуваат дека врвот на Адико нема единствен став. Акционерите имаат уште еден ден за одлука, до утре до 17 часот. Исходот од една од најинтересните банкарски битки во регионот ќе биде познат по објавувањето на официјалните резултати од австриската Комисија за преземања. Ако има победник, ќе уследат натамошните регулаторни процедури. Во спротивно, банкарскиот фронт околу Адико ќе остане отворен за нови понуди.
Аналитика








