
Првото издание на регионалната конференција посветена на иднината на дигитализацијата во финансиите, вештачката интелигенција и технолошката трансформација, Finelevate Digital Summit 2026, се одржа на 16 септември во Skopje Marriott Hotel.
Настанот, организиран под мотото „Иднината не чека“, собра повеќе од 300 учесници носители на одлуки, регулатори, претставници на банки, осигурителни компании, финтек компании, технолошки провајдери и експерти за дигитална трансформација од државата и регионот.
Конференцијата свечено ја отвори министерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, Стефан Андоновски.
„Темите на денешниот Самит – дигиталниот идентитет, интероперабилноста, новите платежни системи, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и иднината на финансиските услуги – не се одделни технолошки теми. Тие се делови од една иста трансформација: изградба на доверлива дигитална инфраструктура врз која институциите, банките, финансиските институции, fintech компаниите и стартапите можат да развиваат подобри услуги.
Статистичките податоци покажуваат дека корисникот веќе очекува услугите да бидат брзи, едноставни, достапни онлајн и без непотребна хартија. Истите очекувања што ги има од својата банка, од e-commerce платформите или од приватните дигитални услуги, сè повеќе ги има и од државата. Затоа следната фаза на дигиталната трансформација не е само да изградиме повеќе информациски системи. Следната фаза е тие системи да бидат поврзани, сигурни и корисни во реалниот живот“ – истакна Андоновски.

Воведно обраќање одржа и основачот и извршен директор на Finelevate, Виктор Крстевски, кој нагласи дека клучната вредност на настанот е тоа што за прв пат го собира целокупниот екосистем на дигиталните финансии на едно место.
„Не е првпат да дебатираме за регулативи, за нови технологии, за дигитализација и за иднината во финансиите. Но, клучната разлика со денешниот ден е што го имаме целокупниот екосистем во една просторија“, изјави Крстевски, додавајќи дека присуството на учесници и гости од соседните држави ја потврдува потребата од регионално поврзување во справувањето со овие предизвици.
Крстевски посочи дека вештачката интелигенција претставува еден од најголемите предизвици за финансискиот сектор токму поради чувствителноста на личните податоци и финансиите на граѓаните. Тој нагласи дека градењето доверба кај корисниците мора да оди рака под рака со техничкиот квалитет и безбедноста на услугите.

Централен дел од програмата беа три панел дискусии кои ја отворија дебатата токму таму каде денес се носат најважните одлуки во финансискиот сектор. Првиот панел се осврна на темелите на дигиталната трансформација, односно електронската идентификација, доверливите услуги и интероперабилноста, со учество на министерот Андоновски и претставници на KIBS, Владата на Србија и Централниот регистар на Северна Македонија.

Вториот панел ја стави во фокус иднината на кориснички ориентираните финансиски услуги, со говорници од IUTE Credit Македонија, Комерцијална банка АД Скопје, CaSys АД Скопје и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, кои разговараа за тоа како технологијата, плаќањата и кредитирањето се спојуваат во едно интегрирано корисничко искуство.

Третиот панел го отвори прашањето на довербата во дигиталните финансии, од вештачка интелигенција и сајбер безбедност, до управувањето со ризици од измами и со податоци, со учество на претставници на Народната банка, Tessa Group и Intercert.

Основачот на Finelevate, Виктор Крстевски, изјави дека целта на овие три панели била „да ја постават дискусијата таму каде денес се носат најважните одлуки – на точката во која се сретнуваат технологијата, институциите, регулативата и реалните потреби на клиентите“.
Покрај панелите, учесниците имаа можност да следат серија обраќања и предавања кои ја трасираа целата патека на дигиталната трансформација во финансиите, од стратешки поглед на тоа како вештачката интелигенција веќе ги менува бизнисот и општеството, преку конкретни решенија за автоматизирано регулаторно известување, модернизација на банкарските системи, дигитални банкарски супер-апликации и платни решенија во реално време, до теми поврзани со сајбер-отпорноста и управувањето со податоци во банкарството.
Посебно внимание привлекоа и разговорите за практичната зрелост на вештачката интелигенција во финансиските институции и искуствата од нејзината примена во пракса.
Настанот беше затворен со поглед кон иднината, односно зошто одговорно управуваната вештачка интелигенција ќе биде клучен фактор за конкурентност во финансискиот сектор.
Со Finelevate Digital Summit, Finelevate ја продолжува својата мисија да ги обединува експертите и пазарните лидери со цел навремено да ги препознаат промените во финансиската индустрија, да дизајнираат препознатливи стратегии и да дејствуваат рано, прецизно и пред сите останати. Врз основа на успехот на првото издание, веќе е потврдено дека Finelevate Digital Summit ќе се одржи и следната година на 22 септември, продолжувајќи ја визијата за посилно регионално поврзување на клучните чинители во дигиталната трансформација на финансиите.

Аналитика








