ПОВЕЌЕ

    ЕБИТДА во првите девет месеци од 2024 година достигна 336 милиони денари при пад на цените на нафтата и зголемени трошоци

    Време зa читање: 3 минути

    Финансиски резултати за третиот квартал/првите девет месеци од 2024

    ОКТА ги објави финансиските резултати за првите девет месеци од 2024 година со ЕБИТДА која изнесува 336 милиони денари и добивка пред оданочување од 151 милион денари. Иако извозната продажба се зголеми за 12%, пониските меѓународни цени на нафтата и зголемените оперативни трошоци влијаеја на резултатите.

    Приходите од продажба достигнаа 34.359 милиони денари, што е намалување од 36.136 милиони денари остварени во истиот период претходната година. Бруто маржата се намали за 30% споредено со истиот период минатата година и изнесува 637 милиони денари, пред сè поради падот на цените на нафтата.

    Во третиот квартал од 2024 година, обемот на продажба се зголеми за 2% споредено со истиот период минатата година изнесувајќи 332.000 м³, поттикнат од зголемената продажба на домашниот пазар за 6%. Меѓутоа, падот на цените на нафтата влијаеше негативно на вреднувањето на залихите, намалувајќи ја бруто маржата за 64% и ЕБИТДА-та за 78% споредено со истиот период минатата година. Прилагодената ЕБИТДА ги надмина минатогодишните нивоа за 43%, поддржана од зголемената  продажба на домашен пазар, чисти маржи (без ефект од вреднувањето на залихите) и пониските оперативни трошоци.

    Во третиот квартал од 2024 година, компанијата изврши откуп на 10% од сопствените акции, покажувајќи доверба во нивната долгорочна вредност и посветеноста на своите акционери.

    ОКТА во истиот период инвестираше 44 милиони денари во проекти за обновлива енергија, како фотоволтаичната централа од 12 мегавати која треба да почне со работа до крајот на годината. Ваквите инвестиции ја потврдуваат посветеноста на ОКТА на обновливите извори на енергија, намалувањето на емисиите и одржливиот економски раст.

    ОКТА ја покажа својата непоколеблива посветеност на заедницата преку поддршка во време на вонредни ситуации. Компанијата обезбеди специјална опрема за гаснење пожари на непристапни терени за Територијалната противпожарна единица во Свети Николе во екот на беснеењето на еден од најголемите и најактивните пожари во земјата ова лето. Покрај тоа, ОКТА потпиша и Меморандум за соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за спроведување на едукативни работилници за безбедност во сообраќајот во основните училишта, како и за отпочнување на онлајн кампањата „Каде брзаш?“ со цел да се подигне јавната свест за подобрување на сообраќајната култура.

    Дополнително, ОКТА инвестираше во дигитализација на единствените мотори во државата за тестирање на цетанските и октанските броеви кои што се наоѓаат во лабораторијата на компанијата, воедно прва акредитирана лабораторија за тестирања од ваков вид во земјата. Оваа дигитализација ја подобрува  прецизноста и анализата на квалитетот на горивата во реално време. Преку оваа инвестиција, ОКТА ја потврди својата посветеност на одржувањето на највисоките стандарди за квалитет на горивата, како на домашниот, така и на извозниот пазар.

    Раководството на ОКТА ги приоретизира здравјето и безбедноста на своите вработени и потрошувачи, истовремено обезбедувајќи континуирано и непречено снабдување со најквалитетни нафтени деривати во земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично