ПОВЕЌЕ

    Нов рок за исплата на финансиската поддршка од 6.000 денари

    Време зa читање: 2 минути

    Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот до 31 март за сите граѓани кои не добија финансиска помош од 6000 денари, бидејќи не им биле ажурирани податоците во банките. Овие 6000 денари,  се наменети за категорија на ранлива група на граѓани.

    „Со ова продолжување на рокот, 6.000 денари ќе добијат околу 22.000 граѓани на кои им следува оваа финансиска поддршка, а кои не ги ажурираа своите податоци во банките, како и 2.132 граѓани на кои им се уважија приговорите“, велат од Владата.

    Најголем број од случаите кои не добија помош поради неажурирани податоци беа пензионерите од кои се бараше да одат во банките и да ги ажурираат податоците. Иако на пензионерите секој месец на сметките им стигнува пензијата, помошта не можеше да им се исплати, ако до 25 декември не ги ажурираа податоците во банките.

    Паричната помош од 6.000 денари за ранливи група е дел од четвртиот пакет мерки на Владата за справување со коронакризата. Со помошта беа опфатени граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.

    На владината седница усвоена е и Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2021 година во вкупен износ од 20.000.000,00 денари.

    Средствата ќе се користат за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари. Проекти на кои треба да бидат фокусирани се едно општество за сите, забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард, справување со светската пандемија, заштита на животната средина, намалување на аерозагадувањето, владеење на правото, независност на правосудството, неселективна борба против криминалот и корупцијата, квалитетно образование, модерна и ефикасна јавна администрација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично