ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО:Корона профит до плафон за лабораториите-Колку заработија Авицена, Биотек, Синлаб?

    Време зa читање: 5 минути

    Лабораториите се чини ги живеат своите најдобри денови. Цути нивниот бизнис, а одговорен за ситуација најмногу е Ковид 19. Брисеви за корона вирус, проверка на антитела, д-димери, крвни слики, секојдневно овие лаборатории беа затрупани од пациенти кои не можеа да чекаат на здравствените услуги од државното здравство кога се работи за нивното здравје. Додека за брис за корона на државно се чекаше и по една недела приватните лаборатории беа ажурните и резултати се добиваа за еден или истиот ден. Во целиот страв од здравствената криза никој не штедеше за испитувања на своето здравје по цена и цела плата да ја потроши по лабораториите.

    Pari.com.mk ексклузивно открива колку Ковид 19 им донесе пари на трите лаборатории Авицена, Биотек и Синлаб!? Според генерираните податоци од платформата на biznismreza.mk, може да се забележи дека Ковид-19 бил и тоа како голем катализатор за остварување огромни приходи и добивки. Во ситуација кога светот се бори со пандемијата, сопствениците на приватните лабoратории може да почнат со изградба на сопствени трезори.

    Предмет на оваа анализа ќе бидат трите приватни дијагностички лабoратории: АВИЦЕНА, БИОТЕК И СИНЛАБ.

    ВКУПНИТЕ ПРИХОДИ НА ЛАБОРАТОРИИТЕ ДУПЛИРАНИ

    Од аспект на вкупните приходи, анализирани низ податоците од завршите сметки синтетизирани од biznismreza.mk, за последните три години, може да се забележи дека постои тренд на постојано зголемување на вкупните приходи. Особено ова доаѓа до израз минатата година кога се остварени нестандардни бројки. Имено, ако вкупните приходи на сите три компании во 2018 година изнесувале 4.2 милиони ЕУР, а во 2019 таквата сума се искачила на ниво од 4.6 милиони ЕУР, за во 2020 година да се генерираат вкупни приходи од 9.8 милиони ЕУР.

    КомпанијаПриходи 2018Приходи 2019Приходи 2020
    АВИЦЕНА2,090,541 €2,248,829 €4,612,046 €
    БИОТЕК360,325 €525,154 €2,810,816 €
    СИНЛАБ1,777,837 €1,867,177 €2,478,064 €

    Поединечно, најголем успех минатата година евидентиран е кај компанијата АВИЦЕНА, која успеала да оствари најголем приход во конкуренцијата. Порастот во апсолутна бројка изнесува 2.3 милиони ЕУР, споредбено 2019 со 2020 година, додека процентуалниот пораст на приходи изнесува 105%. Втората по успех лабараторија, БИОТЕК, го бележи најголемиот процентуален пораст на приходи во 2020 година од неверојатни 435% . Апсолутните бројки покажуваат дека БИОТЕК успеа за една година да ја надмине СИНЛАБ и да го надокнади гапот кој постоеше помеѓу овие две компании, во однос на вкупен приход. Во 2019 година СИНЛАБ имаше 1.3 милиони ЕУР поголеми приходи од БИОТЕК, но Ковид-19 беше иницијалната каписла за во 2020 година работите сосема да се променат. Минатата година БИОТЕК ги надмина приходите на СИНЛАБ за 325 илјади ЕУР, иако и СИНЛАБ генерираше пораст од 32%.

    БИОТЕК СО РАСТ НА ДОБИВКАТА ОД ФАНТАСТИЧНИ 7.622%

    Друг параметар преку кој ќе ја анализираме оваа индустрија е остварената добивка, односно чистиот профит за компаниите.

    КомпанијаДобивка 2018Добивка 2019Добивка 2020
    АВИЦЕНА110,753 €175,543 €1,585,428 €
    БИОТЕК-20,458 €1,579,927 €
    СИНЛАБ110,378 €94,238 €432,615 €

    Паралелно со порастот на приходи, остварен е и пораст кај добивките на компаниите и тоа во многу поголема пропорција од периодот пред Ковид-19.

    Според нивото на остварени добивки, податоците на biznismreza.mk покажуваат дека АВИЦЕНА и БИОТЕК оствариле скоро идентични бројки, односно ќарот за компаниите е по 1.5 милиони ЕУР. Она што е евидентно е дека БИОТЕК овој резултат го остварува со 40% помалку приходи отколку АВИЦЕНА. За разлика од нив, СИНЛАБ оствари скоро 3.7 пати помала добивка, што е исто така за почит бидејќи пак во 2019 година оваа компанија имаше пад на добивката. Ако се изразат бројките во проценти ситуацијата е следна: Најголем процентуален пораст на добивка има БИОТЕК со фантастични 7.622%, следува АВИЦЕНА со пораст од 803% и на крај е СИНЛАБ со 359%.  

    Вкупната добивка изнесува 3.6 милион ЕУР, што покажува дека овие три приватни компании за време на пандемијата станале побогати за толкав износ. 

    СО РЕЧИСИ ИСТ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ СТАНАЛЕ ДВОЈНО ПОБОГАТИ

    Ако логичното размислување е дека овие три компании во ист размер го зголемиле бројот на вработени, сепак официјалните податоци на biznismreza.mk говорат сосема различна приказна. Вкупниот број на вработени во овие 3 компании во 2019 година изнесувал 150, додека во 2020 таквата бројка се искачила на 168.

    КомпанијаВработени 2018Вработени 2019Вработени 2020
    АВИЦЕНА757278
    БИОТЕК242939
    СИНЛАБ484951

    Најголем апсолутен пораст на бројот на вработени има кај компанијата БИОТЕК за 10 вработени. Интересни податоци се генерираат ако ги ставиме во сооднос вкупните приходите и бројот на вработени. Бројките за 2020 година покажуваат дека просечно секој вработен во АВИЦЕНА генерирал приход од 58 илјади ЕУР, во БИОТЕК поединечниот придонес бил 71 илјади ЕУР, додека во СИНЛАБ вработените успеале да остварат по 47 илјади ЕУР.

    Сумирано, овој бизнис се покажа како еден од најпросперитетните за време на здравствена криза и нема волшебна формула која се применува. Инвестирањето во современа технологија и стручен кадар е комбинацијата за остварување на минатогодишните резултати. Секако тоа е само начинот како се оствариле овие резултати, а причината е онаа “темна” страна на бизнисот. Не смееме да заборавиме дека минатата година бевме на некој начин приморани да ги правиме сите тие тестови и анализи, а дали ќе продолжи одржливоста на ваквите резултати после завршувањето на пандемијата  останува да видиме.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично