ЕКСКЛУЗИВНО ви ја претставуваме АНАЛИЗАТА на Indago – Агенција за истражување на пазарот, за тоа каков профил е македонскиот потрошувач.
Во рамките на редовните годишни истражувања за купувачките навики Indago го спроведе синдицираното истражување Shopping Monitor оваа година. Во продолжение ќе го претставиме профилот на македонскиот купувач во поглед на купување на храна и други производи за широка потрошувачка (FMCG).
Слика 1: Однесување при купување
Одговорајќи за сопствените навики при купување скоро половината од испитаниците (48%) одговориле дека прават листа на производите што треба да ги купат пред да отидат на продажното место. Една третина од купувачите, пак, изјавиле дека купуваат повеќе одошто им е потребно и додека повеќе од половината (57%) изјавиле дека купуваат приватни марки што е значителен скок во однос на процентот кои минатата година изјавиле дека купуваат приватни марки (47%).
Само 4% од купувачите изјавуваат дека се помеѓу првите кои купуваат нов производ кога ќе се појави на пазарот односно сакаат да експериментираат со нови производи додека една четвртина од купувачите се консултираат со своите партнери кога прават набавки на производи за широка потрошувачка.
Купувањето е уживање за 38% проценти од сите купувачи, додека 39% изјавиле дека сакаат да си одвојат време кога одат во маркетите за прошетка и разгледување на понудата на производи. 14% од купувачите изјавуваат дека се секогаш по потрага на производи на попуст, а интернет пазарувањето на производи за широка потрошувачка сé уште е ниско застапено.
Информации
Најголем процент од купувачите изјавиле дека информации за понудите добиваат преку акциите и промоциите кои се одвиваат на продажните места (38%) и преку лифлети (16%). Помал процент на купувачи се информираат преку ТВ реклами и интернет (7%).
Слика 2: Трошење и плаќање
Во просек македонскиот купувач троши 13,448 денари месечно за купување FMCG производи од кои што повеќе од половината отпаѓа на храна (52%). Во однос на минатогодишното истражување трошоците за производи за широка потрошувачка се зголемени 608 денари односно за околу 5 проценти.
Најголем процент од купувачите големите набавки ги вршат со плаќање во готово (75%) додека една четвртина од купувачите практикуваат користење на картички при големи набавки пришто почесто користат дебитна одошто кредитна картичка.
За Истражувањето
Истражувањето за навиките и начините на пазарување на македонското население беше спроведено во Мај 2019 на репрезентативен примерок од 1000 лица кои се одговорни во домаќинствата за набавка храна и други производи за широка потрошувачка (FMCG).
Истражувањето го спроведе Агенцијата за истражување на пазарот Indago.