ПОВЕЌЕ

    ЕКОНОМСКА ДОМИНАЦИЈА НА НОВ НАЧИН: Светот во очекување на 2039 – Индија, Индонезија и Бангладеш во подем

    Време зa читање: 4 минути

    Во светот на економијата, картата на моќта се прецртува. Според најновиот извештај на британскиот Центар за економски и деловни истражувања (Cebr), во рамки на изданието на Светската економска лига 2025, водечките позиции ги преземаат држави надвор од традиционалниот западен круг. Местата на табелата веќе не се резервирани за старите економски велесили – новата сила доаѓа од Азија и Африка, а економските прогнози најавуваат и значајни промени меѓу водечките пет.

    Овој годишен извештај, кој веќе 16 години служи како репер за споредбена економска изведба, ги рангира земјите според нивниот очекуван бруто-домашен производ (БДП). Претставува јасен приказ на глобалните економски трендови – и на растечките сили и на оние што се соочуваат со стагнација или пад. Во фокусот не се само бројките, туку и причините зад нив: од демографија и фискална политика, до технолошка конкурентност и геополитички ризици.

    Во продолжение се претставени 30-те најголеми економии што, според проекциите на Cebr, ќе доминираат во 2039 година.

    1–10 место: Масивни економии со диференцирани изгледи

    Во првите 10 се сместени традиционалните сили (САД, Кина, Јапонија, Германија) и динамични нови играчи (Индија, Индонезија, Бразил). Но, не сите растат на иста основа.

    САД остануваат доминантни со БДП од 53,5 трилиони американски долари, но со умерен раст од 1,3–1,8%.

    Кина, иако над 44 трилиони американски долари, не ја достигнува Америка поради структурни слабости – забавен раст, пад на недвижности, демографски проблеми.

    Индија се пробива на 3. место со најбрз раст (6,5%) меѓу сите – потпирајќи се на демографијата и реформите.

    Јапонија и Германија се соочуваат со стагнација – раст под 1%, но остануваат меѓу првите пет на ранг листата.

    Индонезија е највпечатлив скок – од 16-та на 10-та позиција, со раст од 4,7%, а Бразил и Канада влегуваат во топ 10 благодарение на стабилна основа, иако со раст под 2%.

    Но, сепак половина од економиите во оваа група имаат забавен раст, а другата половина предводи со агилност и потенцијал.

    11–20 место: Група на контраст – стабилност наспроти транзиција

    Овде се наоѓаат европски гиганти со висок БДП, но низок раст (Италија, Франција, Велика Британија), и растечки економии со развојен потенцијал (Мексико, Турција, Полска).

    Италија (11) ќе падне од топ 10 поради раст од само 0,7%, додека Јужна Кореја (12) и Русија (13) ќе ја задржат позицијата, но со ограничен напредок.

    Австралија (14) е стабилна и конкурентна, со умерен раст од 2,2%.

    Мексико (15) има силни врски со САД, но структурни проблеми (неконкурентност, криминал) го влечат надолу.

    Шпанија (16) има проблем со невработеност и слаб раст.

    Турција (18) и Саудиска Арабија (17) бележат поенергичен раст од 3–4%, благодарение на фискални реформи и диверзификација.

    Полска (20) е редок позитивен пример од ЕУ, со БДП над 1,7 трилиони долари и стабилен раст.

    Ова е клучна група за геополитичка стабилност, но со голем јаз меѓу потенцијал и реализација.

    21–30 место: Нови надежи, експанзивен раст

    Ова е групата со најбрзо растечки економии во однос на база, составена од динамични азиски и африкански држави, плус неколку мали, но технолошки силни економии.

    Бангладеш (21) – фантастичен скок од 14 места, со раст над 6% и нови инвестиции во фармација и електроника.

    Швајцарија (22) – просперитетна, но со пад на позицијата поради слаб раст (1,5%).

    Филипини (23) – ќе влезат во топ 25 со раст од 6%, благодарение на дигиталниот сектор и демографијата.

    Тајван (24) – напредна технолошка економија, но под ризик поради политичката нестабилност.

    Виетнам (25) – искористува геостратешка шанса (одлив на производство од Кина), со раст над 5,6%.

    ОАЕ (26) – стабилна, богата, со амбиција за јаглеродна неутралност до 2050.

    Аргентина (27) – ќе се стабилизира по кризата, но растот ќе се забави до 2,3%.

    Египет (28) – тројно зголемување на БДП, искачување за 19 места!

    Израел (29) – напредна економија во сенка на регионалниот конфликт.

    Шведска (30) – пад од 24-то на 30-то место, и покрај тоа што ќе достигне БДП од 1,064 трилиони долари.

    Според британскиот центар, оваа група е фабриката на иднината, со огромен раст, но и високи ризици.

    Оттаму се заклучува дека Индија, Бангладеш, Виетнам, Египет, Индонезија, Филипини го предводат новиот економски свет со раст над 5%.

    Додека, пак, стабилни, но со забавување се САД, Кина, Австралија, Велика Британија, Канада, Полска – економии со висок БДП, но раст меѓу 1,5% и 3%.

    А во стагнација се Јапонија, Германија, Италија, Франција, Русија, Шведска – класични економии со раст под 1,5%, загрозени од демографија и долгорочна продуктивност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично