Поддршка од 11,3 милиони денари или 185 илјади евра ќе добијат занаетчиите, малите и средните фирми од државата за модернизација на производството и зголемување на конкурентноста. Предвидено е кофинансирање на 40 отсто од оправданите трошоци, но не повеќе од 200 илјади денари, односно 3.252 евра по барател.
Средствата се наменети за набавка на нови машини и алати. Јавниот повик објавен од Министерството за економија и труд за финансиска поддршка на микро, малите и средните претпријатија, како и на занаетчиите, се однесува на инвестиции реализирани во 2025 и 2026 година. Крајниот рок за пријавување е 30 јуни.
Целта е да се даде директна поддршка на домашните компании:
„Целта на поддршката е да им се помогне на домашните компании да го модернизираат производството и да ја зголемат продуктивноста, создавајќи истовремено и подобри услови за работа“, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Воедно, додава дека со оваа мерка се продолжува континуираната поддршка за малите бизниси и преработувачката индустрија.
„Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел, поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој“, нагласи Дурмиши.
Според повикот, право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно законските прописи. Апликантите треба да исполнат низа услови, меѓу кои најмалку 12 месеци активно работење, позитивен финансиски резултат во 2025 година, намирени обврски кон државата и вработените, како и да не ја надминале границата за државна помош.
Од повикот се исклучени и компании кои веќе користеле слична поддршка во претходните години.
Покрај оваа мерка, Дурмиши најави и нови повици насочени кон преработувачката индустрија и иновациите. Еден од нив предвидува кофинансирање за воведување и сертификација на стандарди, а другиот за зајакнување на соработката меѓу компаниите и универзитетите.
„Ќе се кофинансираат 70 отсто од трошоците, до максимум 200 илјади денари по компанија. Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на добавувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност“, наведе министерот.
За вториот повик, кој се однесува на заеднички проекти меѓу бизнис секторот и академската заедница, се предвидени пет милиони денари, со кофинансирање до 70 отсто од трошоците.
„Токму поврзувањето на бизнис секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици, наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија“, истакна Дурмиши.
Од Министерството ги повикаа компаниите и занаетчиите навремено да се информираат и да аплицираат, а сите детали за условите и документацијата се достапни на нивната веб-страница.
Аналитика








