ПОВЕЌЕ

    ДРЖАВАТА САМАТА ДА ИНВЕСТИРА ВО КОГЕНЕРАТИВНИ ГАСНИ ЦЕНТРАЛИ, а не да бара приватен инвеститор, за да си ги заштити интересите

    Време зa читање: 4 минути

    Државата треба да инвестира во когенеративна гасна постројка, а не тоа да му го препушти на приватен инвеститор. Самата мора да ги заштити сопствените интереси, како што приватниот инвеститор ќе ги штити своите, стремејќи се од вложеното да оствари што поголем профит, регира експертската јавност, од каде што се потсетува на примерот со „Митилинеос“, но и на тоа дека треба да се работи на „Чебрен“ и „Галиште“. На тој начин државата ќе може да се олабави во поглед на зависноста од увоз на електрична енергија. И да оствари напредок во справувањето со аерозагаденоста.

    Укажувањата се поттикнати од најавебата е инвестиција од милијарда евра за изградба на когенеративни гасни централи, за што, според премиерот, се разговара со заинтересирани инвеститори. Работите би требало да почнат во текот на идната 2025, а да завршат за три години. Целта е во едно да се произведува и електрична енергија и топла вода, која преку топловоди ќе се дистрибуира и ќе се користи за затоплување. За што засега се користи „сосема поинаков енергенс кој, за жал, емитува ПМ2,5 и ПМ10 честички во воздухот, а тоа е 60 проценти од факторот којшто влијае врз загадувањето“, елаборираше неодамна Христијан Мицкоски.

    „Тоа нема да биде по принципот како досега, како што беше оној специјален закон, стратешки проект во парламентот, на одење минатата Влада што го достави по привилегирани цени и така натаму. Сѐ ќе биде по пазарни услови. Преговорите се со инвеститори, во кои моја цел е и државата да биде дел од пакетот, да биде косопственик во самата таа инвестиција. Нормално, не со пари, со земја, со приклучоци и со слично. Затоа што цениме дека приватните инвеститори коишто имаат пристап до овој ресурс како што е гасот, можат на многу поедноставен и пофлексибилен начин да го донесат тука, отколку државата. Така што ќе видиме како ќе завршат овие преговори“, објасни во една прилика премиерот.

    Иако, според кажаното од врвот на власта, дека реализацијата ќе почне идната година, од О2 иницијативата реагираа – средства за најавените когенеративни централи во буџетот 2025 – нема. Меѓу тоа што „нема“ посочија дека не се предвидени средства за учество на обновливи извори на енергија во производство на електрична енергија. А за гасификација се проектирани само 1,8 милиони евра.

    Реакции за изградбата на когенеративна гасна постројка имаше и од стручната јавност. Оттаму стигнаа предупредувања дека мора да се имаат предвид интересите на државата, затоа што инвеститорот, кој и да е, ќе вложи за да заработи. А, и гасот се набавува на берза. Освен тоа, не е крајно решение за загадениот воздух. Без оглед што премиерот посочи дека тоа ќе биде инвестиција која ќе користи зелена енергија.

    Природниот гас не е еколошко гориво, вели во својата колумна за факултети.мк професорот од Машинскиот факултет, Ристо Цицонков, па затоа треба да се смета како транзиционо гориво додека не се дојде до целосно зелена енергија. Кој потсетува дека од 2012 година Скопје има когенеративна гасна термоцентрала во сопственост на ТЕ-ТО, која истовремено може да произведува електрична енергија со моќност од 220 MW и топлинска енергија од 160 MW. „Искуствата од технички и комерцијален аспект на овој проект може да послужат како да се пријде кон новите инвестиции за вакви постројки“, пишува професорот.

    Меѓу другото, објаснува дека произведената енергија од гасните когенеративни централи не е зелена. Природниот гас е фосилно гориво, па при неговото согорување се ослободува јаглерод диоксид кој е главен причинител на глобалното затоплување, односно климатските промени. Цицонков не спори дека „гасот е еколошко гориво во однос на локалната средина бидејќи не ја загадува“, но нагласува „не е еколошко гориво од кое се добива зелена енергија“.

    Што се однесува до инвеститорот што би ја градел когенеративната гасна постројка, и тој подвлекува дека приватна компанија ќе инвестира заради профит, што значи дека сака да постигне што повисока цена при продажбата на електрична енергија. „Тука нашата држава не може да добие многу освен смалена цена за неколку проценти затоа што нема да има трошоци за пренос (при увоз однадвор)“, укажува професорот.

    Проблемите во енергетскиот сектор треба да се решаваат, земјава располага со одамна изградени објекти, во употреба се непогодини горива… Поради тоа што голема е потребата од базно производство, истакнува Цицонков, се препорачува државата да биде инвеститор на најмалку една когенеративна гасна централа и тоа веднаш. А, за тој вид инвестиции може да се обезбедат кредити со поволни услови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично