Маврово и натаму се бетонизира и прекумерно се урбанизира, без да се води сметка за заштита на природата, обвинија од Спас за Маврово. Уште полошо е што локалната самоуправа издава дозволи за градење без контрола и покрај доказите за незаконско работење на Општина Маврово и Ростуше, и на првиот човек на општината Медат Куртовски, и тоа само неколку месеци пред крајот на мандатот.
„Во услови кога веќе неколку години по ред алармираме на бетонизацијата на Мавровското Езеро, на изградените згради надвор од сите норми за објекти во Национален парк, предупредуваме на огромните проблемите со инфраструктурата (пат, водоводна мрежа, напојување со електрична енергија), Општината без никаква резерва потпишува согласности за изградба на нови и нови објекти. Тоа се прави и покрај тоа што уште лани во мај Уставниот суд ги укина урбанистичките планови донесени од советите на поранешната општина Маврови Анови и на Општината Маврово и Ростуше од 2001 односно од 2015 година“ се вели во писмената реакција на ова граѓанско здружение.
Тие потсетуваат дека е во тек постапката за ревалоризација на заштитеното подрачје Национален парк Маврово, во која е вклучено и зонирањето на паркот каде ќе бидат точно дефинирани градежните активности и дека постојната законска можност за издавање на вакви одобрувања за парцели надвор од опфатот на урбанистичките планови едноставно не може да биде никакво оправдување ако се знае ситуацијата на теренот.
Спас за Маврово нагласува дека градоначалникот Куртовски „очигледно без никаков проблем ги потпиша овие решенија неколку месеци пред крајот на неговиот мандат. Без ни малку обид конечно да покаже достоинство, морал, чест и барем еднаш да направи нешто за мавровскиот регион кој во неговиот мандат едноставно беше заборавен и злоупотребен“ и ги повикуваат надлежните органи под итно да го спречат самоволието на градоначалникот Куртовски кое непрекинато се спроведува изминатите години.
За тоа како работи Општина Маврово и Ростуше, кога е во прашање урбанизмот на нејзина територија, илустративен е случајот со Уставниот суд, кој лани ги укина урбанистичките планови на општините Маврови Анови и Маврово и Ростуше донесени во 2001 односно 2015 година. Оваа одлука значеше дека двете општини отсега па натаму нема да смеат да издаваат одобренија за градба областите во општините што се опфатени со укинатите одлуки.
Уставниот суд, како што објавија медиумите, со цел да ги добие потребните документи и информации за да може информирано да одлучува по овој предмет, неколкупати барал и интервенирал до општината Маврово и Ростуше, но без ефект. Затоа Судот во септември 2023 година ја пријавил општината до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Откако и понатака немало реакција, Уставниот суд во октомври 2023 година се обратил до Антикорупциската комисија. Дури откако интервенирале антикорупционерите, документите експресно биле пронајдени и доставени.
„Судот немаше доволно докази и документи и работеше со речиси минимум документација затоа што чекаше општината да ја достави потребната документација. Но таа не му беше доставена на Судот со образложение дека општината Маврово и Ростуше ја нема таа документација. Беше доставен некој мал дел од документите. Затоа Судот се обрати до Антикорупциската комисија која пред Нова година ги достави документите до Уставниот суд“, изјавија тогаш за Мкд.мк неофицијални извори од Судот.
ДРЖАВАТА КОНСТАТИРА НЕПРАВИЛНОСТИ, НЕ ПРЕВЗЕМА МЕРКИ
Кон крајот на минатата година, Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави резултати од извршената ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Општина Маврово и Ростуше за 2023 година, при што се констатирани значајни неправилности и неусогласености во работењето на општината. Нерешените процеси за ре-валоризација на Националниот парк Маврово и суспендираните урбанистички планови ја доведоа општина Маврово и Ростуше во состојба на институционална и финансиска парализа, со што значително се зголеми бројот на бесправно изградени објекти, констатираше Државниот Завод за ревизија.
Поради овие наоди, изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година.
„Општината не може да пристапи кон изработка на нови урбанистички планови сѐ додека не се донесе Закон за ре-прогласување на Национален парк Маврово и не се усвојат зоните на заштита, додека состојбите на немање на урбанистички планови и неможноста да се издаваат решенија за градење придонеле на територијата на општината да се изградат голем број на бесправно изградени објекти“, стои во ревизорскиот извештај.
Како главни недостатоци во работењето на Општина Маврово и Ростуше, ДЗР го наведува следново:
Губење на податоци за данок на имот: Во периодот од 2013 до 2018 година, поради бришење на компјутерскиот систем за евиденција, општината не издавала решенија за данок на имот. Од 2018 година започнало поединечно внесување на податоци, но базата останува некомплетна, што довело до неисполнување на законската обврска за водење регистар на недвижен имот што подлежи на оданочување.
Ненаплатени побарувања: До 31 декември 2023 година, општината има побарувања од 11.485 илјади денари, од кои 77% се од данок на имот, а 23% од комунални такси за фирми. Не се преземени соодветни мерки за наплата на овие средства.
Недостаток на урбанистички планови: Постапката за ре-валоризација на Националниот парк Маврово, започната во 2012 година, сè уште не е завршена. Поради суспендирани урбанистички планови, општината не може да издава дозволи за градење, што резултира со зголемен број на бесправно изградени објекти.
Неправилности во финансиското работење: Во 2023 година, направени се расходи од 1.723 илјади денари без соодветна документација, а набавки на услуги во износ од 855 илјади денари се извршени без спроведување на постапки за јавни набавки.
Сепак, и покрај констатираните неправилности кај Општина Маврово и Ростуше, досега државата нема превземено конкретни мерки за да ги спречи понатамошните злоупотреби.
КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА МЕДАТ КУРТОВСКИ И ОДДЕЛОТ ЗА УРБАНИЗАМ НА ОПШТИНАТА
Против градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, е поднесена кривична пријава, но од страна на Шериф Рамука, кој претходно беше осуден за бесправна изградба на бунгалови во Леуново. Рамука, бизнисмен од Косово, во 2017 година го купува хотелот Радика во мавровското село Леуново и набргу потоа се развива идејата за изградба на дополнителни 87 бунгалови, всушност луксузни вили во непосредна близина на хотелот, делумно на хотелско земјиште, но делумно и на општинско, и за тоа ги добива сите потребни дозволи и согласности од локалната самоуправа.
Кога локалното население и група сопственици на куќи од Леуново и Маврово укажаа на незаконски постапки во врска со изградбата на бунгаловите, како и за узурпацијата на селскиот извор на вода за сметка на комплексот Радика, во случајот се вмеша и државата, што резултираше со решенија за уривање на дел од веќе изградените објекти.
Рамука тврди дека му дал поткуп на Куртовски за да спречи одземање на бунгаловите, но по неговата осуда и одземањето на објектите, поднел пријава против градоначалникот. Куртовски бил повикан во Основното јавно обвинителство Гостивар, но не се појавил поради сообраќајна незгода со неговото возило. Тој негира каква било вмешаност во поткуп и изјавил дека ќе се јави на повикот во Обвинителството дополнително.
Исто така, во јули 2022 година, Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинителен акт против раководителот на одделението за урбанизам во општината Маврово и Ростуше за злоупотреба на службената положба, поврзано со издавање на извод од план со невистинита содржина за приватизација на градежно земјиште. Овој случај не е директно поврзан со градоначалникот Куртовски, но укажува на незаконито работење на самата локална самоуправа.
Засега нема правен епилог односно нема јавно достапни информации за донесена пресуда во врска со овој случај.
Новинар: Југослава Дуковска
(Фото: Фејсбук)