Директорот Гоце Димовски оствари средба со Рјоџи Кога, генерален менаџер на канцеларијата на јапонската корпорација Марубени во Будимпешта и во Прага. Со цел продлабочување на соработката со корпорацијата, на средбата се разговараше за потенцијалите кои ги нуди Македонија и ТИРЗ за странските инвеститори, како и можностите за натамошни проекти.
Димовски ги посочи поволностите во рамки на Технолошко индустриските развојни зони, истакнувајќи ја стабилната и предвидлива инвестициска клима, активната институционална поддршка и квалификуваната работна сила. Тој ја нагласи стратешката положба на Македонија, што претставува значајна предност за компании со глобално присуство како што е Марубени.
Генералниот менаџер Рјоџи Кога изрази задоволство за остварената средба, со очекување за успешна понатамошна соработка. Од негова страна беа претставени областите во кои е активна корпорацијата Марубени, нагласувајќи ја можноста за потенцијално проширување и во Македонија.
Марубени е една од водечките јапонски компании за општа трговија, позната како „Сого Шоша”, основана во 1858 година и со седиште во Токио. Корпорацијата има глобално присуство и е активна на пет континенти, со канцеларии, подружници, заеднички вложувања и проекти во над 60 земји. Истата оперира глобално во широк спектар на сектори, вклучително и енергетика, инфраструктура, транспорт, хемиска индустрија, земјоделство, храна и финансиски услуги. Со своето глобално присуство и диверзифицирано портфолио, Марубени игра значајна улога во унапредувањето на трговските односи и развојот на одржливи економски проекти на меѓународно ниво.