ПОВЕЌЕ

    Девизните резерви во февруари близу пет милијарди евра, за 20 години зголемени за 4,3 милијарди   

    Време зa читање: 2 минути

    Девизните резерви во февруари се на нивото од 4,86 милијарди евра. Пониски се во однос на историскиот максимум достигнат на крајот од минатата година, од над пет милијарди евра, но секако претставуваат солидна основа за обезбедување на монетарната стабилност.

    На крајот на февруари 2025 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 4.861,3 милиони евра, информираат од Народната банка.

    Вообичаено, најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност. Минатиот месец – 76,2 проценти. Вложувањата во вредносни хартии се зголемени во споредба со крајот на 2024 (70,1%).

    Исто така, значајно е што поголем дел од резервите се насочени кон монетарното злато. Во вториот месец од годинава се работи за 12,5 проценти (11% декември 2024). За сметка на тоа, намалување има во пласманот во валути и депозитити – 11,3 проценти (18,8% крај на 2024). Или, како што посочуваат од НБРСМ, сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедува преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг, кои овозможуваат брза достапност до ликвидни средства.

    Во изминатите неколку месеци, односно од октомври лани, дел од девизните резерви се и парите од унгарскиот кредит. Пред тоа, во септември, состојбата беше 4,4 милијарди евра

    Износот на девизните резерви е променлив, зависно од потребите, бидејќи со нив се штити економијата од негативни надворешни влијанија, се интервенира на девизниот пазар и на сигурни позиции се одржува домашната валута. За споредба, во февруари 2024 биле на прагот од 4,34 милијарди евра. А, пак, во текот на последните две децении, од 2004 кога биле забележани 716,9 милиони евра, се зголемени за 4,3 милијарди евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично