ПОВЕЌЕ

    Чифлиганец ќе се офајди 2,8 милиони евра од дивидендата од Комерцијална банка

    Време зa читање: 2 минути

    Комерцијална банка АД Скопје одлучи да подели дивиденда на акционерите, но дваесетина дена откако ќе истече забраната на Народната банка за исплата на дивидендата. Банката вчера го одржа своето редовно Годишно собрание на кое акционерите учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција, a со цел почитување на мерките за спречување на ширење на COVID-19.

    Акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2020 година со бруто-добивка во износ од 2.067,1 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 155,1 милиони денари, нето-добивката на банката изнесува 1.911,9 милиони денари или околу 31 милион евра.

    Акционерите на банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.911,9 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 60% од номиналната вредност на акцијата, односно по 600 денари на една акција.

    Комерцијална банка има 5207 акционери. Вкупниот број на акции е 2 279 067. Најголем акционер е Адора Инженеринг со 12,86 проценти учество. Пресметките покажуваат дека од вкупно 22 милиони евра колку што ке бидат распределени на акционерите, Адора на Ванчо Чифлиганец по основ дивиденда од Комерцијална банка ќе заработи 2,8 милиони евра.

    Останатите пари околу 9 милиони евра банката дел ќе стави во резерви, дел за инвестиции.

    Заради зголемување на вкупниот капитал на банката и на книговодствената вредност на акциите на банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 294,5 милиони денари да се издвои во резерви. Исто така, дел од добивката во износ до 250 милиони денари се распределува во задржана добивка за инвестициски вложувања во 2021 година. Акционерите донесоа одлука и задржаната добивка од 2018 година во износ од 323 милиони денари да се прераспредели во резерви на Банката.

    Исплатата на дивиденда ќе започне по истек на дваесет дена од денот кога за Банката ќе престане да важи ограничувањето од НБРСМ за распределба и исплата на дивиденда за 2020 година.

    Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2020 година, како и Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза во 2020 година.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично