ПОВЕЌЕ

    ЦАРИНИТЕ КАКО ДВИГАТЕЛ НА ИНТЕГРАЦИЈАТА: Македонија со нов закон, дигитални реформи и скок во заплени

    Време зa читање: 4 минути

    Во време кога економската интеграција со Европската Унија станува клучна политичка и економска цел за земјите од Западен Балкан, царинските управи се позиционираат како клучничинители во овој процес. Токму затоа, на втората регионална конференција на генералните директори на царинските управи од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ, што се одржа во Тирана, беше испратена недвосмислена порака: само преку модерна, дигитализирана и меѓусебно усогласена царинска политика е можно да се обезбеди стабилна и конкурентна економија.

    Директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Бобан Николовски, ја искористи конференцијата за да ги претстави клучните реформи што се спроведуваат на национално ниво. Според него, веќе е изготвен новиот Царински закон кој е целосно усогласен со законската рамка на Европската Унија. Усвојувањето на овој закон, кое се очекува во текот на годинава, ќе означи значаен исчекор во усогласувањето со европските стандарди и ќе создаде основа за понатамошно забрзување на интегративниот процес.

    Паралелно, Царинската управа спроведува низа технолошки и институционални реформи насочени кон целосна дигитализација на царинските процедури. Овие активности се реализираат со поддршка од Европската Унија, Светска банка и Владата на Република Кореја, преку проекти со вкупна вредност од 24,4 милиони евра.

    „Нашата крајна цел е да создадеме целосно дигитализирано царинско работење во секој сегмент – од обработка на податоци, преку контроли и анализа на ризици, до оперативна комуникација со економските оператори. Ова не само што ќе го олесни движењето на стоки и услуги, туку значајно ќе го намали времето на чекање на граничните премини и ќе обезбеди поголема сигурност на стоките што влегуваат и излегуваат од државата“, истакна Николовски.

    Реформските напори веќе носат конкретни резултати. Според податоците на Царинската управа, во периодот од јануари до мај 2025 година, наплатените приходи достигнале 847,6 милиони евра, што претставува раст од 4,8% во однос на истиот период минатата година.

    Истовремено, значајно е зголемен и бројот на откриени нелегални активности. Во првите пет месеци од годинава се евидентирани 203 случаи на заплени – двојно повеќе од лани. Уште поимпресивни се податоците за кривичните пријави: поднесени се вкупно 92 пријави против 52 правни и 177 физички лица. За споредба, во истиот период минатата година, биле поднесени само 18 кривични пријави.

    – Овие резултати се плод на тимска работа, професионализам и континуирано унапредување на внатрешните капацитети. Царинската управа повеќе не се гледа како поединечна институција, туку како дел од поширок безбедносен и економски систем, кој е во функција на државата и граѓаните – нагласи Николовски.

    Роберто Алесе, генерален директор на Италијанската агенција за царини и монополи, истакна дека стабилноста и безбедноста на регионот зависат од меѓусебната соработка и доверба меѓу царинските управи. Според него, интеграцијата на регионот во ЕУ не е можно да се замисли без функционални и меѓусебно поврзани царински системи.

    „Нашите заеднички цели остануваат јасни: да ја олесниме трговијата, да промовираме соработка и да обезбедиме стабилност, како на Балканот, така и на Јадранскиот простор“, изјави Алесе.

    Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница, подвлече дека ефикасните и интероперабилни царински процедури се суштински за слободно и безбедно движење на стоки и луѓе, и за практично спроведување на ЕУ стандардите на терен.

    Како конкретен резултат од конференцијата, царинските управи усвоија заедничка декларација со која се обврзуваат на понатамошно зајакнување на регионалното партнерство, размена на знаења, добра пракса и техничка поддршка во сите области на нивно делување. Оваа изјава претставува конкретен чекор кон создавање на царинска заедница што ќе биде подготвена да одговори на предизвиците на европската интеграција, но и на глобалната економија.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично