Банкарскиот професионалец Бојан Стојаноски е заменик-претседател на Македонската банкарска асоцијација. Именуван е на 48. седница на Собранието, при што му е доверен мандат од четири години, информираат од МБА.
Стојаноски зад себе има повеќе од 25 години искуство во банкарскиот сектор, од кои 15 години на раководни позиции. Тој е долгогодишен и активен член на Македонската банкарска асоцијација уште од нејзиното основање. Значаен е неговиот придонес како претседавач на Комисијата за реструктурирање корпоративен долг.
Моментално, Стојаноски ја извршува функцијата генерален директор за управување со ризици и член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје. На оваа позиција е од март 2020 година. Неговото професионално портфолио вклучува и високи раководни позиции во Халк банк, а бил член на Управниот одбор и втор генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.
„Македонската банкарска асоцијација e уверена дека неговото искуство, стручност и посветеност ќе донесат голем придонес во остварувањето на целите на Асоцијацијата“, истакнуваат од МБА.