ПОВЕЌЕ

    „Бизнис Лидер 2026“ ги собра најуспешните – компании со над две милијарди евра приходи на една сцена

    Време зa читање: 6 минути

    Повеќе од две милијарди евра приходи и над 50.000 вработени стојат зад компаниите што беа претставени на третото издание на „Бизнис Лидер 2026“. Македонската филхармонија собра околу 600 гости од деловниот свет, институциите и дипломатскиот кор, а главната сцена им припадна на компаниите што се издвојуваат со своите финансиски резултати, раст, извозни достигнувања и стабилност.

    На свечената церемонија се обратија премиерот Христијан Мицкоски, генералниот извршен директор на Халкбанк, Фатих Шахбаз, и основачот на „Бизнис Лидер“, Огнен Огненоски.

    Потсетувајќи на идејата со која пред три години започнал проектот, Огненоски истакна дека целта била успехот во Македонија да престане да биде тивок – да добијат видливост компаниите што создаваат вредност, претприемачите што преземаат ризик и резултатите што заслужуваат признание.

    „Македонија можеби е мала на светската карта. Но големината на една земја не се мери само во квадратни километри. Се мери и според она што нејзините луѓе се способни да го создадат. А вечерва, кога гледам во оваа сала, гледам доказ дека Македонија има свои високи врвови“, порача Огненоски.

    На доделувањето на признанијата му претходеше конференциски дел со макроекономска анализа и три панел-дискусии посветени на економијата, технологијата, вештачката интелигенција и иднината на компаниите. Една од централните теми беше „Бизнисот во 2030: Податоци, AI и компании без слепи точки“, која ги отвори прашањата за користењето на податоците и вештачката интелигенција во деловното одлучување и подготовката за новите технолошки предизвици.

    Централниот дел од вечерта беше посветен на признанијата за деловните достигнувања во индустријата, трговијата, фармацијата, технологијата, телекомуникациите, финансискиот сектор, логистиката и здравството. Нивниот избор се темели на анализа на деловните показатели што ја спроведува „Бизнис Мрежа“, организатор и аналитички партнер на проектот.

    Меѓу добитниците на признанието „Апсолутен лидер во дејноста“ се Милкуз, АТУ Македонија, Навико Шипинг, НЈСК Холдинг, Експанда, Кондево МК и Клиничката болница Аџибадем Систина.

    Според остварените вкупни приходи, за лидери во своите дејности се прогласени Лав-комерц, ММС Комуникации Македонија, Сопро, Инграм Микро Македонија, Отпад и адвокат Александар Михајлоски. Признанијата за лидерство според остварената добивка им припаднаа на ДМЦ Балканс, Термостил Даниел и Интер-констракшн.

    Со резултати според повеќе деловни показатели се истакнаа Зегин и Вабтек МЗТ, наградени за лидерство според вкупните приходи и бројот на вработени, додека Алма-М доби признание за остварената добивка и бројот на вработени.

    Место меѓу наградените обезбедија и компаниите со забрзан развој. Во категоријата „Брзорастечка компанија“ признанија добија МТЕЛ, Синцеритас, Хелиоцентрум и Реплек, а Давис Фабрикс беше издвоена како „Новооснована со најголем апсолутен раст во дејноста“.

    Една од впечатливите приказни на вечерта беше онаа на FACTUM, добитник на признанието „Стартап на годината 2026“. За само две години компанијата се развила од околу 7.000 евра годишен приход до бизнис што се движи кон 400.000 евра годишен повторлив приход, со повеќе од 500 активни корисници.

    Признанијата „Жена лидер во дејноста“ им припаднаа на Завар Компани, Старкон Шипинг, Пуцко Петрол, Skopje City Mall и ДМ Дрогерие Маркт.

    Финансиската стабилност и извозните резултати исто така имаа свое место меѓу наградите. Ернст и Јанг – Услуги и Интернационален Картичен Систем беа наградени за висока бонитетна успешност, додека Либерти АД Скопје доби признание за извозно достигнување. Меѓу годинашните добитници, според официјалното соопштение, се и Signori и Макстил.

    Во пензискиот сектор, КБ Прво пензиско друштво го доби признанието „Лидер според средства, членови и остварен принос“.

    Највисокото признание на вечерта, „Premium Business Leader 2026“, му припадна на Сава пензиско друштво АД Скопје, кое три последователни години ја има највисоката бонитетна оцена, според анализата на „Бизнис Мрежа“. Наградата ја прими претседателката на Управниот одбор, Снежана Станковиќ, а симболично ја врачи проф. д-р Златко Јаќовски, лекар, професор и алпинист кој во 2023 година се искачи на Монт Еверест.

    Годинашната церемонија беше во знакот на планината и освојувањето на врвовите, како симбол на деловниот успех што се гради со истрајност и посветеност. Програмата ја водеше Игор Џамбазов, а за музичкиот дел се погрижи Џијан Емин со оркестар.

    На крајот, сите добитници застанаа заедно на сцената на Македонската филхармонија, обединети преку своите деловни достигнувања. Третото издание беше заокружено со пораката дека секој достигнат врв е почеток на следниот предизвик, продолжувајќи ја мисијата на „Бизнис Лидер“ да ги истакнува успешните македонски компании и луѓето што стојат зад нив.

    Генерален партнер на Business Leader 2026 е Халкбанк АД Скопје. Official Event & Marketing Partner е MS Creative Studio, организациски партнер Pari.com.mk, Mobility Partner Delfino Mobility Group, а Official Hospitality Partner Alikas. Златни партнери се БиМилк и Аџибадем Систина, додека меѓу останатите партнери на настанот се Макстил, Зегин, MyTime, Signori, KARA5, Delight, Сава Осигурување, Chesterfield, Тиквеш, Гемак, Пелистерка, Startup Club Skopje, Social Hair, Baking Bread и Elena Luka.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично