ПОВЕЌЕ

    БАНКИТЕ НАПРАВИЛЕ 50 ПРОЦЕНТИ ПОГОЛЕМА ДОБИВКА ОД ЛАНИ – Растеле каматите, кредитите, депозитите

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа на банкарскиот сектор: добивки, кредити, депозити, актива

    Точно 197 милиони евра чиста добивка направиле банките за девет месеци од годинава. Тоа е дури 66 милиони евра повеќе од истиот период лани. Или незапаметен скок од 50 проценти во однос на реализираните 131 милион евра од првите девет месеци од минатата година, покажува анализата на порталот Пари согласно податоците од Народната банка.

    Врз основа на што се должи ваквата заработка на банките?

    Билансот на успехот на банкарскиот сектор го дава одговорот. Банките во првите девет месеци од камати прокнижиле 358,5 милиони евра. Во исто време, тие за каматите на депозитите што кај нив ги чуваат граѓаните и фирмите платиле 59,4 милиони евра. Значи, банките платиле цена на парите дури шест пати помала од онаа по која ги отстапиле. Таа разлика меѓу активната и пасивната камата е честа мета на критики во јавноста.

    Истовремено, банките наплаќаат разни провизии и надоместоци. За деветте месеци од годинава овој износ е 130 милиони евра. Паралелно со тоа, банките имаат обврски за разни провизии и надоместоци што ним им се наплаќаат, а тој износ е 52 милиони евра.

    Овие ставки биле многу помали лани, што не е ни чудно, со оглед на затегањето на монетарната политика, токму во насока на растот на каматите како на кредитите, така и на депозитите, а со цел симнување на инфлацијата. Исто така, треба да се земе предвид дека и понатаму имаме раст на кредитирањето, како и раст на депозитите.

    Приходи и расходи од камати и од надоместоци во првите 9 месеци од 2022 и од 2023 година

    Од податоците на Народна банка може да се види дека вкупната актива на банкарскиот сектор во 81,1 отсто е сконцентрирана кај големите банки и тој процент со мали отстапувања се држи долго време.

    Вкупната актива на банките на 30.09 годинава била 11,4 милијарди евра и таа постојано расте. Имено, на 30.09 минатата година била 10,6 милијарди евра.

    Вкупните депозити во банките на 30.9 2023 година биле безмалку 8,4 милијарди евра, додека пред една година на овој датум биле нешто над 7,6 милијарди евра. Што значи дека фирмите и граѓаните дополнително на сметка во банките пласирале околу 800 милиони евра.

    Од овие пари банките имале повеќе можности за кредитирање. Па, сите кредити што ги дале кај домаќинствата и корпоративниот сектор, поточно бруто кредитирањето на нефинансиските субјекти, изнесувало седум милијарди евра на 30.9.2023, додека на 30.09.2022 година било 6,7 милијарди евра. Или за една година има раст од околу 300 милиони евра.

    Актива, кредити, депозити: движење за една година

    Бројките во апсолутни износи се заокружени и во евра, за полесно разбирање на финансиската моќ на банкарскиот сектор.

    Народната банка прецизно информираше дека вкупните депозити во септември, на годишно ниво, се зголемени за 8,9%, како резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектори, со малку поголем придонес на секторот домаќинства. Годишниот пораст на кредитите, пак, е 5,8% и произлегува од повисокото кредитирање на двата сектори, при поизразен придонес на секторот домаќинства.

    Анализата на податоците јасно покажуваат огромна ликвидност на банките и голем потенцијал за пласирање пари.

    А.К.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично