ПОВЕЌЕ

    Банкарскиот сектор стабилен, но ризиците растат – порака на вицегувернерката Митреска од БИС

    Време зa читање: 2 минути

    Банкарскиот сектор во регионот влегува во период на засилени ризици и покрај тоа што финансиските показатели се значително подобрени во споредба со годините пред пандемијата. Силниот раст на кредитирањето и континуираниот скок на цените на недвижностите бараат внимателни политики и постојано следење на состојбите, предупреди вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на состанокот на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа, организиран од Банката за меѓународни порамнувања во Сараево.

    Според Митреска, банкарските системи во регионот денес се далеку поотпорни отколку во периодот пред ковид-кризата. Таа посочи дека стапката на адекватност на капиталот достигнала 20,7 проценти, додека пред пандемијата била под 19 проценти. Истовремено, уделот на нефункционалните кредити е намален на 2,5 проценти, од околу 6 проценти колку што изнесувал пред кризата.

    Сепак, и покрај стабилноста на секторот, Митреска оцени дека глобалната економска средина останува исклучително неизвесна. Геополитичките тензии и нарушувањата во светските синџири на снабдување, како што нагласи, и натаму претставуваат ризик за економскиот раст, инфлацијата и финансиските услови.

    Дополнителен предизвик, според неа, е забрзаното кредитирање во регионот. Во 2025 година кредитниот раст достигнува околу 14 проценти, што е највисоко ниво во последната деценија. Истовремено, станбеното кредитирање оди рака под рака со силен раст на цените на недвижностите, кои во просек се повисоки за околу 80 проценти во изминатите пет години.

    Во такви услови, според Митреска, клучно останува внимателното следење на квалитетот на кредитните портфолија, редовното спроведување стрес-тестови и подготвеноста за примена на макропрудентни мерки доколку ризиците дополнително се зголемат.

    На состанокот во Сараево учествуваат претставници на Европската централна банка и централните банки од Централна и Источна Европа, а во фокусот на дискусиите се економските изгледи, инфлацијата, финансиската стабилност, монетарната политика, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично