ПОВЕЌЕ

    ЦЕНИТЕ РАСТАТ ПРЕКУ НОЌ, ШТЕДЕЊЕТО ЗАПОЧНА: На пазар се бараат 2 јаболки, 2 лимона, 300 грама ориз

    Време зa читање: 4 минути

    „Пари“ анализира колку се зголемиле цените на основните прехранбени производи од почетокот на годината

    Цените на прехранбените производи кај нас рушат рекорди, додека Организација за земјоделство и храна при Обединетите нации забележува смирување на цената на храната. Во продавниците велат дека некогаш менуваат цени и по два пати неделно. Ниту замрзнатите маржи на основните производи не го спречија порастот на цените.  Ако лани за илјадарка можевме да испазариме за 3, 4 дена, сега не стига ни за едно јадење. Оттука и граѓаните, но и дел од експертите сметаат дека Владата мора итно да реагира – по примерот на земјите од регионот да ги замрзне цените, а не маржите за трговците.  Ако продолжи растот, ќе немаме ни за леб, е реченицата што се почесто може да се слушне во јавноста. За да заштедат граѓаните, талкаат  од маркет на маркет и бараат да купат поевтино.

    -Сите штедат, па дури и ние – продавачите. За сите е скапо. Веќе е секојдневние наместо на кило, овошје и зеленчук да се купува на парче, вели продавач на зелено пазарче. Доаѓаат и бараат 2 јаболка, 2 лимона, 300 грама ориз. Но ги разбираме. Платите се ниски, цените до плафон, велат продавачите.

    Пари направи анализа, за колку се зголемени цените на основните производи од почетокот на годината до август.

    Во јануари  литар масло за јадење беше 100 денари, сега е 142 денари. 10 јајца се продава за 82 денари, сега се 145. Килограм кравји кашкавал чинеше 314 денари, во август се продаваше за  529. Септември се уште не е завршен, но цените не го следат трендот на светските берзи , каде полека се стабилизираат, туку, напротив, продолжија да растат.

    Производи Јануари 2022Август 2022Септември (цени на 24.09)
    Масло за јадење100142 137
    10 јајца82145 116
    Кашкавал кравји 314529 659
    Кашкавал овчи345541 560
    Мелено месо кг.245285370
    Свинска кременадла285 369 350
    Пилешки стек 248285500

    Според официјалните статистички податоци, во август годинава беше измерена рекордна инфлација од 16.8%. Цената на храната поскапе за околу 26%. И додека светските  индекси покажуваат поевтинување на основните прехранбени производи, кај нас во истиот период цените уриваа рекорди.

    Според ФАО, Организација за земјоделство и храна при Обединетите нации, највисоки цени производите имале во март. Индексот на цените на храната изнесувал 159,5. Од  тогаш се бележи пад. Во август во споредба со јули цените се намалиле за 1,9 отсто, додека кај нас пораснале за 2,9%.

    И Советот на Народната банка регистрира дека на глобално ниво во изминатите неколку месеци кај цените на храната се забележуваат поизразени надолни приспособувања, односно пад на цените на светските берзи, што во следниот период може да доведе до надолни приспособувања и кај домашните цени.

    Но, трендот на пад, за сега не се надзира. Според производителите, цените кај дел од производите ќе останат непроменети до крајот на годината.

    – Веќе имаме обезбедено доволни количини масло за јадење до крајот на годината за македонскиот пазар. Цената на маслото за јадење на светските берзи се стабилизира, затоа нема да има промена на цената кај нас во наредните 3 месеци – изјави Сашо Наумовски,  генерален директор на Витаминка.

    Од една од поголемите пекари во Скопје велат дека дел од производите ќе престанат да ги произведуваат.

    – Сметките за струја ни се огромни. Наредната недела ќе одлучиме кои производи ќе престанеме да ги произведуваме, за да не мора да ја зголемиме цената на лебот – велат од компанијата.

    Експертите предвидуваат  дека цените кај дел од производите ќе продолжат да растат , а инфлацијата до крајот на годината ќе достигне 20%. За да се спречи ценовниот шок и осиромашување на граѓаните предлагаат Владата да преземе итни мерки, како  замрзнување на цените, а не ограничување на маржата.

    Според универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ, треба да се следи примерот на соседните земји, како Албанија , Србија и Хрватска, кои ги замрзнаа цените и спречија раст на инфлацијата.

    – Под итно треба да се замрзнат цените на неопределено време, односно се додека не се стабилизираат цените и одмрзнувањето треба да биде постепено, не наеднаш , за производителите веднаш да не ги зголемат цените . Само со замрзнување на цените на основните прехранбени производи и на нафтените деривати може да се спречи растот на инфлацијата. Изворот на инфлација кај нас е од домашни фактори. Цените на храната на светските берзи паѓаат, се намалуваат, само кај нас растат, затоа што супермаркетите ги пумпаат цените повеќе отколку што треба, вели Бранимир Јовановиќ, универзитетски професор.

    Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека во вторник Владата ќе донесе дополнителни мерки за да го заштити стандардот на граѓаните. Мерките за помош на компаниите пак, ќе бидат објавени во четврток.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично