Автор: м-р Сашко Кметовиќ
Авторот на АНАЛИЗАТА е дипломиран новинар и магистар по корпоративно право.
Македонија долги години напредува и високо котира на извештајот на „Дуинг Бизнис“ на Светска банка. Во овој извештај на Светска банка државите се рангираат според условите за започнување и водење бизнис, како што се брзината и процедурата за отворање или затворање на фирма, даночната регулатива, брзината за добивање струја, брзината за добивање градежна дозвола, пристапот до кредити, како и сите оние процедури кои се поврзани со започнување и водење на бизнис во државата. Рејтингот во овој извештај можеби не е клучен при одлуката на странските инвеститори да инвестираат во Македонија, но секако дека има влијание врз имиџот на државта како бизнис дестинација.
Поради овие причини една од главните вести во нашата јавност изминатиот период е падот на Македонија од седум места на „Дуинг Бизнис“ извештајот на Светска Банка. Минатата година Македонија беше на десеттата позиција, а годинава е на 17-то место според условите за водење бизнис.
Во јавноста се водеше интересна дебата од страна на политичарите, експертите и економистите што тоа значи за нашата држава. Додека едните тврдат дека ова е економска катастрофа, другите тврдат дека сé уште Македонија е лидер во регионот по условите за водење бизнис. Каде и да води ова дебата неспорни се две работи, прво факт е дека сме лидери во регионот на оваа листа и дека сме подобро рангирани од 24 земји членки на ЕУ, а од друга страна факт е и дека паднавме седум места и треба дополнително да се анализира зошто е тоа така и каде е одговорноста за ваквиот пад.
Покрај тоа што рангирањето на „Дуинг Бизнис“ е предмет на спротивставени коментари и гледишта неспорно е дека сме највисоко рангирани во регионот на оваа листа на Светска банка. Меѓутоа она што нас како држава навистина треба да не загрижи и за што треба да се дискутира и да се посвети внимание е фактот што и покрај тоа што сме лидери во регионот според условите за водење бизнис, за жал не сме лидери по странските инвестиции и заостануваме далеку позади другите држави од нашето опкружување.
Според условите за водење бизнис на хартија Македонија е рангирана далеку подобро од државите од Западен Балкан. На „Дуинг Бизнис“ листата Србија е на 44 место, Црна Гора на 50 место, Албанија на 82 место, Косово на 57 место и Босна и Херцеговина на 90 место. На оваа листа иако, Македонија според условите е далеку подобра раниграна, сепак според странските инвестиции сме далеку зад државните од нашето опкружување.
Според fDi Intelligence, специјализираниот сервис на Financial Times целиот регион од Западен Балкан во периодот од јуни 2018 до мај 2019 привлекол 147 гринфилд инвестиции во вреднност од 9,36 милијарди американски долари, што е највисок износ во последните десет години. Поразителен е фактот што од овие 9,36 милијарди долари Македонија и покрај одличните услови за водење на бизнис и висоиот рејтинг на Дуинг бизнис извештајот, привлече само 184 милиони американски долари. За споредба Србија која што е рангирана на 44 место привлекла 5.9 милјарди американски долари, односно 105 гринфилд инвестиции, додека Албанија која што исто така е далеку подоле на оваа листа од Македонија дури на 82 позиција привлече 809,9 милиони американски долари.
Во извештајот пак на ОН за инвестициите во светот за 2019 година состојбата со инвестициите во Македонија е нешто подобра и тие изнесуваат 737 милиони долари. Според овој извештај инвестициите во Западен Балкан за минатата година бележат зголемување за 33% и изнесуваат 7,4 милијарди долари. Сепак и според овој извештај на ОН Србија и Албанија привлекле далеку повеќе инвестиции од Македонија. Односно Србија привлекла 4,1 милијарди, Албанија 1,3 милијарди долари, Босна и Херцеговина 468 милиони долари, додека во Црна Горавлегле 490 милиони долари.
Доколу се земат во предвид бројките и истите се споредат со условите за водење бизнис, како и рејтинот на Дуинг бизнис листата, бројките не одат во корист на Македонија. Според рејтингот кој го има државата странските инвестиции треба да изнесуваат повеќе.
Ова е предизвикот за кој што треба да се разговара и дебатира во Македонија. Затоа што и покрај одличните услови за бизнис странските инвеститори се одлучуваат да на заобиколат и да инвестираат во другите држави од нашето опкружување, кои што имаат далеку полоши услови за водење бизнис.
Во извештајот на Дуинг Бизнис сепак не се анализираат бројните слабости кои што ги има Македонија, а кои што имаат огромно влијание врз одлуката на странските инвеститори да започнат бизнис во Македонија.
Прва и основна пречка за инвеститорите е недостигот на квалификувана работна сила во Македонија. Од ден на ден се повеќе луѓе ја напуштаат државата и ја бараат својата иднина надвор од државата и голем процент од нив не се враќаат назад.
Следна пречка е политичката неизвесност и нестабилност. Во Македонија речиси секоја втора година има избори, а после изборите и нови закони, нови даноци и нова регулатива, односно нови услови и правила за бизнисот. На бизнисот и стопанството му треба стабилност и конзистентност.
Трета пречка е неприментата на законите и регулативата во пракса. Македонија, иако има добра регулатива која што и ја анализира Дуинг Бизнис, сепак тоа го има само на харија, но немаме и примена на законите во пракаса.
Од друга страна огромна пречка се и проблемите во правосудниот систем и невладеење на правото. Без правна држава не можеме да очекуваме налив на странски инвестиции.
Следна пречка за инвеститорите е тоа што државата не инвестира доволно во истражувања, развој и образование. Образованието мора да биде реформирано и прлагодено за потребите на стопанството и бизнисот. На тој начин ќе има и работници за бизнисмените и работа за образованите.
Ова се само дел од работите кои што негативно влијаат врз странските инвестиции. Ова се работи кои што Дуинг Бизнис не ги аналзира во својот извештај, но затоа ги аналзираат потенцијалните странски инвеститори.
Токму затоа дебатата во Македонија од страна на политичарите, сопанствениците, бизнисмените и експертите не треба да биде насочена кон рејтиног на Дуинг Бизнис, туку да се насочи кон решавање на овие придизвици.
*Ставовите на авторот на овој текст се лични ставови. Порталот www.pari.com.mk се оградува од објавените ставови и одговорноста за изнесеното е исклучиво на авторот на текстот.