ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: КОГА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАВА просечната плата најмногу вредела?

    Време зa читање: 4 минути

    Државниот завод за статистика ја објави августовската плата, а Сојузот на сдиндикати октомвриската кошничка. Новите податоци кажуваат дека во август просечната нето-плата во државава била 41.097 денари. Ова е добра вест ако се земе предвид дека во јули таа беше 40.961 денар, но лоша ако се спореди со јуни и тогашните 41.939 денари, а во август платите не се вратија на јунскиот колосек.

    Просечни нето-плати во последните три месеци

    Извор: Државен завод за статистика

    Податоците за октомвриската синдикална кошничка покажуваат дека изнесува 61.249 денари, или како што пишуваше Пари (https://pari.com.mk/samo-57-denari-namalena-kosnickata/), таа е за само 57 денари пониска отколку во септември и покрај стапувањето во сила на „есенската кошничка“ со пониски цени, моделирана од Владата.

    СОСТОЈБАТА СЕ ВЛОШУВА

    „Пари“ направи анализа кога од почетокот на годината имало најдобар сооднос меѓу синдикалната кошница и просечната плата, а податоците кажуваат наместо да ни оди на подобро, ни оди на полошо.

    Извор: Сојуз на синдикати и Државен завод за статистика

    Од досегашните податоци јасно е дека во јуни просечната нето-плата најмногу вредела. Тогаш платата ја покривала синдикалната кошница со 69,52 отсто, што е повеќе од било кој друг месец од годинава заклучно со август, кога е и последниот податок за републичкиот просек на платите.

    Податоците покажуват дека од почетокот на годинава, првите четири месеци имало мало поместување надолу во однос на покриеноста на кошницата (од 69,17% во јануари на 68,23% во април). Но, во мај има мала корекција нагоре, која станува поголема во јуни, за состојбата да се влоши во јули и во август.

    Производите и методологијата што ја користи Сојузот на синдикатите се исти низ месеците.

    „Семејството ги купува само основните прехранбени производи и притоа прават споредби на производите барајќи ги тие со пониски цени. Можат да си ги дозволат само основните производи за домаќинството. Кога купуваат облека секогаш предимство им даваат на производите коишто имаат попуст. Поседуваат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и користат главно превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да си дозволат да јадат во ресторани, единствено два пати месечно можат да си дозволат храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран 7 дена во јуни“, ја објасни пресметката на синдикалната кошница Сојузот на синдикати.

    ДВЕ МИНИМАЛНИ ПЛАТИ НЕ ЈА ПОЛНАТ КОШНИЦАТА

    Според податоците за просечните плати, оваа синдикална кошница во јули и во август можела да се наполни со една и пол просечна плата. Со две минимални плати од 22.567 денари, или со вкупно 45.134 денари кошничката од 61.249 денари не се полни.

    Податоците од Сојузот на синдикати, а кои ги добиле од Управата за јавни приходи (податоците се однесуваат за мајската плата) покажуват дека дури 9.148 работници не земале ни минимална плата која изнесува 22.567 денари. Минималната плата ја земале 22.387 работници, а од минималната до просечната (во мај била 41.252 денари) земале 341.021 работник. Просечна, како и поголема примаат вкупно 137.843 работници. Според овие податоци, мајската плата ја земале 510.399 вработени, а најголем дел или 66,81 отсто се во групата меѓу минимална и просечна плата.

    Мајска структура на плати

    Податоци добиени од Сојуз на синдикати

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично