ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: 10 ТЕНДЕРИ ЧИНЕЛЕ НАД 175 МИЛИОНИ ЕВРА, ИЛИ 3,3 проценти од ланскиот буџет

    Време зa читање: 3 минути

    Пари ги анализира јавните набавки во 2023 година

    Јавните набавки се прават за некое тековно функционирање на јавна институција или за некоја инвестиција. Инвестициите се секогаш добредојдени ако се развојни. Тогаш тие имаат двојна улога: од една страна, се во функција на граѓаните и подобриот стандард, а од друга страна, го развиваат стопанството давајќи им работа на компаниите.

    Порталот Пари, во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, направи анализа на десетте јавни набавки со најголема вредност на договор склучен во 2023 година. Нивниот збир покажа договорена вредност од над 175 милиони евра, што во споредба со минатогодишната расходна страна на планираниот државен буџет е околу 3,3 насто.

    Самите договори за големите јавни набавки обично се рамковни, што значи дека можеби целосно се реализирале, а можеби не.

    Највредниот договор од ТОП 10 јавни набавки во 2023 година „го лапнало“ Друштвото за производство, промет и услуги СТЕНТОН ГРАДБА ДООЕЛ с. Долно Оризари, Битола. Договорот чини 28,9 милиони евра, а носителот на набавката е Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје, која во таканаречените „слободни зони“, каде што се обично странските компании, гради инфраструктура.

    Вториот највреден договор е 26,3 милиони евра – ѝ бил доверен на италијанската компанија за инфраструктурни решенија ИРД ИНЖИНЕРИНГ СРЛ, а носител на набавката е Јавното претпријатие за државни патишта. Ова јавно претпријатие, кое е носител и на големи инфраструктурни проекти, често прави големи набавки, па во ТОП 10 договори за лани, како нарачател го има уште трипати, со договори во вкупна вредност од 32,9 милиони евра, при што две зделки добила градежната компанија Гранит, а една Илинден.

    Електрани на Северна Македонија минатата година склучила договор со Марковски компании за ископ на јаглен вреден 24,9 милиони евра.

    Владата на РС Македонија лани имала договор од 24,6 милиони евра, а склучен е со Друштвото за производство, трговија и услуги АИТОНИКС АД Скопје. Договорот е склучен за софтверски лиценци и за сервиси за јавна администрација.

    Во првите 10 најголеми договори се и тој на Министерството за здравство, склучен со веледрогеријата Феникс фарма, во вредност од 16,2 милиони евра, како и два договора на ЕВН Македонија. Едниот е за обезбедување, склучен со агенцијата Никоб, во вредност од 10 милиони евра, а другиот чини 9,5 милиони евра и е склучен со Спектартермо, за разни видови енергетски кабли.

    ТОП 10 јавни набавки со најголема вредност на склучен договор во 2023 година

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Во следната анализа на Пари очекувајте: ТОП 10 носители на јавни набавки со најмногу добиени тендери во 2023 година

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично