На официјалниот пазар не е забележано големо позитивно поместување кај вредноста на акциите во октомври. Петте акции со најголем раст имаат придвижувања од под еден до над три проценти, а максимумот е постигнат кај хартијата од вредност на битолската Стопанска банка. На табелата со минусен предзнак двете први места ги зазема струмички „Герас Цунев“ – конфекција и трговија. Нивната просечна цена опаднала до нивото определено со намерата за преземање од страна на „Тотал инженеринг“ на Вице Заев, кој од неодамна е мнозински сопственик во целните друштва.
На 30 септември имала вредност од 3.200, а на 31 октомври – 3.300 денари. Акцијата на Стопанска банка Битола е прворангирана според позитивната промена од 3,12 проценти.
Зголемување од 3,04 насто е регистрирано кај акцијата на РЖ „Техничка контрола Скопје“. Просекот пораснал од 560 на 577 денари.
На средината од оваа табела се „Оранжерии Хамзали“ од Струмица. Промената е од 300 на 308 денари, или за 2,67 насто.
Акцијата на скопската Цементарница „Усје“ просечната цена ја зголемила за 1,93 проценти и достигнува 37.000 денари (во септември – 36.300 денари).
Во друштвото на позитивните со плус од 0,09 проценти е и акцијата на НЛБ банка. Просечната цена во септември била 44.850, а во октомври 44.890 денари.
Со минусот од 38 проценти, кој во октомвриската берзанска статистика е запишан како најголемо опаѓање, „Герас Цунев“ е на првата и на втората позиција. Акцииите на конфекција и на трговија имаат цена од 310 денари, додека просекот во септември бил 500 денари.
Во септември ја предводеше листата со најголем раст, а сега е на третата позиција меѓу петте акции со најголем пад. Акцијата на „Гранит“ изгубила 9,09 проценти и има просек од 1.600 денари (претходно 1.760 денари).
Опадната е и просечната вредност на една од најтргуваните акции во октомври – на „Македонијатурист“. На крајот од септември, кога беше на четвртото место според растот, чинела 8.499,94, а еден месец подоцна – 7.754,83 денари. Има намалување од 8,77 отсто.
И во август и во септември акцијата на „Адинг“ беше позиционирана на позитивната листа. Во октомври бележи промена од минус 8,33 проценти и просечна цена од 1.650 денари, за разлика од септемвриската – од 1.800 денари.