И на квартално и на годишно ниво – раст на долговите на државните институции , општини, јавни претпријатија, министерства, здравствени установи, училишта – на крајот од првиот квартал од годинава достигнаа скоро 312 000 000 евра, пишува “Порталб”. Новите податоци покажуваат дека дел од општините го зголемиле долгот а анализата покажува и дека растат долговите кон приватниот сектор, внатре во самиот јавен сектор и кон странство.
Кој колку и кому должи ….
Две државни фирми, две јавни претпријатија и една општина се на првите пет позиции од новата “должничка листа” на Министерството за финансии според висината на доспеаните а неплатени обврски. На прво место е АД МЖ Транспорт, државна фирма која на крајот од првиот квартал должела 64 милиони евра.
Доспеани-неплатени обврски март 2021
ЈП МЖ Транспорт 63,8 милиони евра
АД „Македонски енергетски ресурси” 25,5 милиони евра
ЈП Колекторски систем Скопје 12,5 милиони евра
Општина Тетово 11,2 милиони евра
ЈП Водоводкуманово – Куманово 7,9 милиони евра
На новата должничка листа се наоѓаат 1 193 државни институции, јавни претпријатија формирани на локално и на централно ниво, здравствени установи, општини, институции од културата, трговски друштва и акционерски фирми во сопственост на државата – и кај голем дел од нив е регистриран раст на долговите. “Порталб” направи компаративно споредување на долговите на крајот од првиот квартал годинава во однос на состојбата на крајот од декември и на годишно ниво – и во двата случаи вкупниот долг е зголемен. Така, во споредба со декември вкупните доспеани а неплатени обврски се зголемени за 22,2 милиони евра а во однос на истиот период лани за 36,4 милиони евра.
Доспеани а неплатени обврски
Март 2021 311 500 000 евра
Декември 2020 289 300 000 евра
Март 2021 275 100 000 евра
Растечки долгови во првиот квартал од годинава се регистрирани внатре во самиот јавен сектор, кон приватниот сектор, кон странство. Конкретно, најголем дел од долгот или скоро 151 000 000 евра се кон јавниот сектор а 135 000 000 евра се доспеани обврски кон приватен сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации. Ако се анализираат долговите според видот на институциите односно субјектите, најголем дел отпаѓаат на јавните претпријатија и фирми во државна сопственост во износ од 123 милиони евра, општините долажт 62,2 милиони евра а на трето место е здравството, односно Јавни здравствени установи со доспеани а неплатени обврски во износ од 53 милиони евра.
Долгови март 2021
ЈП и државни фирми 122,7 милиони евра
Општини 62,2 милиони евра
Јавни здравствени установи 53,1 милион евра
Кај сите е регистриран пораст на долговите во однос на декември 2020 та година. Во првите десет државни субјекти со најголеми неподмирени обврски на крајот од првото тромесечје од годинава се и општините Охрид и Карпош, АД Елем – Скопје, ЈП МРТ и ЈП Водовод и канализација – Скопје. Повеќе од два милиони евра должат различни здравствени установи како Универзитетска клиника за детски болести, Општа болница-Охрид, ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, Општа болница-Куманово, Скопските клиники за онкологија и за гинекологија, Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле, Институтот за трансфузиологија и други. На листата како должници се наоѓаат и речиси сите општини вклучувајќи го и Град Скопје.