Државниот секретар на САД, Мајк Помпео на Твитер потврди дека САД вовеле санкции против Турскиот секретаријат за одбранбена индустрија.
“И покрај нашите предупредувања, Турција продолжи со купување и тестирање на ракетниот систем С-400 од Русија. Денешните санкции против Турција ја покажуваат волјата на Соединетите држави за целосно спроведување на Законот за сузбивање на американските противници со санкции. Нема да толерираме значителни трансакции со рускиот одбранбен сектор – напиша Помпео на Твитер.
Пред неколку дена, Ројтерс објави, повикувајќи се на пет извори, од кои тројца беа високи американски претставници, дека Соединетите држави ќе објават санкции против Турција за набавка на рускиот антиракетен систем С-400.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, реагирајќи на веста, рече дека тоа е знак на непочитување на партнерите во НАТО.
Примената на санкциите против Турција е непочитување кон многу важен партнер во НАТО – изјави Ердоган.