ПОВЕЌЕ

    ИКТ секторот има хроничен недостиг на кадар – какви чекори презема владата за да се ублажи проблемот?

    Време зa читање: 14 минути

    Недостиг на кадар е најголемиот проблем со кој се соочува ИКТ индустријата, вели Анита Никова од Стопанска Комора за ИКТ во интервју за „Пари“. Брзиот раст и развој на оваа индустрија треба да биде поттик за надлежните институции за поддршка на издржаните барања што оваа индустрија ги има испорачано, додава Никова. Дополнително, со конкуренција како Бугарија и Романија и нерешавање на проблемот со недостатокот на кадар, македонските компании ќе бидат дел од конзорциуми создадени во посочените држави а не водечките компании, предупредува Сергеј Зафировски во интервју за „Пари“

    Пари: Кои се предизвиците со кои се соочува ИТ Сегментот и кои се предлозите за нивно надминување?

    Анита Никова: Најголем и најтежок предизвик е недостатокот на квалификувана работна сила за ИКТ секторот. Потребата за развој на извештајот за ИКТ индустријата беше препознаена од страна на ИМЕ Програмата поддржана од Швајцарската програма и истата беше договорена во паралела со развивањето на трите столба – предлози на база на кои фирмите од ИКТ секторот сметаат дека ќе се надмине големиот јаз помеѓу побарувачката и понудата на ИКТ работна сила. Предлозите кои беа разработени во првото тромесечие од 2020 година беа презентирани пред сите политички партии со барање истите да влезат во политичките програми на истите, земајќи во предвид дека нашата држава во првиот и вториот квартал од 2020 година се наоѓаше во период пред предвремени парламентарни избори. На наша голема радост и задоволство, нашите барања, делумно или целосно беа содржани во изборните програми на двете најголеми партии во државата.

    Суштината на трите столба следна:

    Столб 1 – намалување на фискалните давачки за вработените во ИКТ секторот со цел да се промовира конкурентноста на македонските ИКТ компании на меѓународниот пазар.

    • Намалување на даноците за ИКТ секторот 

    Намалување на даночната стапка кај данокот на личен доход за вработени во ИКТ секторот на 0%

    Намалување на данок на добивка на 0% (по пример од Романија).

    • Лимитирање на износот за основицата на кој се плаќаат придонесите за социјално осигурување за вработените во ИКТ секторот

    Пресметка на придонесите за вработените во ИКТ индустријата за максимален износ на плата кој е утврден како просечната исплатена плата во индустријата – 60.899 МКД. (по пример од Бугарија).

    Столб 2 – поддршка на образованието, како формално така и неформално образование, со цел да се продуцираат нови квалитетни кадри и до-образба на постојните вработени кои во иднина ќе бидат носители на индустријата.

    • Поддршка на до-образувањето или усовршувањето на постојните вработени во секторот

    Државата треба да го стимулира инвестирањето во образованието на вработените во ИТ секторот преку ослободување од оданочување или да го намали утврдениот данок за трошоци поврзани со школарини, учество на конференции, семинари, обуки на вработените (по пример од Хрватска)

    • Поддршка на образовните институции кои едуцираат кадри за ИКТ индустријата

    Даночни поттикнувања за донации во образование со кои ќе се стимулираат вложувањата на ИКТ компаниите во образовните институции. (по пример од Закон за донации во спортот)

    Столб 3 – подобри услови за работа на вработените во ИКТ секторот што ќе биде мотив тие да останат во државата.

    • Даночни признавања за направени трошоци во подобрување на работните услови

    Признавање на трошоците за спорт и рекреација, team-building, одмор, грижа за деца и сл. (по пример од Хрватска)

    • Даночна стимулација за трошоците за приватно здравствено осигурување

    Доброволното приватно здравствено осигурување да добие третман како животното осигурување и уплатите во доброволниот пензиски фонд. На тој начин овој трошок за компаниите би се третирал како признаен расход и не би подлежел на плаќања за данок на личен доход.

    Голем дел од овие барања се веќе ставени во процедура на одобрување и реализирање од 1.1.2021 година. Тука останува предизвикот како овие отстапки ќе бидат формулирани од страна на Министерствата и Владата, со цел правите таргет групи да бидат адресирани. Во овој процес МАСИТ стои на располагање за комплетна помош и поддршка за дефинирање на истите со цел механизмите да бидат веднаш и лесно применливи.

    Останува неодговорено барањето поврзано со Лимитирање на износот за основицата на кој се плаќаат придонесите за социјално осигурување за вработените во ИКТ секторот кој во моментов е 16 просечни плати (16 х 38.319*) во вкупна сума од 613.104 денари. Оваа сума преставува превисок праг на кој се плаќа полна сума на придонеси. Доколку лимитот на плаќање на придонеси се стави на 60.899 МКД нето просечната исплатена плата во индустријата на месечна основа, тогаш во тој случај голем дел на средства би се ослободиле за работодавачот, а тој истите би ги пласирал за нови вработувања, поголеми плати, дополнителни обуки и слично.

    Извештајот изработен од страна на ИНСАЈДЕР ИД ни дава алатка со која МАСИТ може долгорочно да се залага за барањата на ИКТ индустријата пред надлежните органи. Извештајот изобилува со факти за брзиот раст и развој на оваа индустрија која со години беше маргинализирана, и истиот помага за нејзино јасно позиционирање во однос на останатите индустрии во државата. Се надевам дека ова ќе биде поттик за надлежните институции да имаат дополнителен мотив за поддршка на издржаните барања кои оваа индустрија ги има.

    Пари: Колку се значајни вработените за ИТ сегментот?

    Анита Никова: Вработените во ИКТ индустријата се најголемата вредност (asset) на една компанија. Нивната едукација, компетенции, искуство и контакти се највредното нешто што го носат со себе. Токму заради тоа скоро сите погоре напоменати предлог мерки и барање се во насока на тоа вработените да се направат посреќни, или нето остатокот од бруто платата за нив да биде поголем, или пак бенефициите кои тие ги добиваат да бидат поголеми. Инвестицијата во доедукација и сертификација на вработените на ИКТ индустријата е најзначајната инвестиција која сопствениците на ИКТ компаниите ја прават. ИКТ индустријата не поседува машини, фабрики, не загадува, не врши увоз и извоз (освен во сегментот на хардвер), заради што истата е еко-френдли индустрија, и штети никому. Во истата се вработува високо-квалификувана работна сила, која резултира со најголема додадена вредност. Заради сите овие факти, ИКТ индустријата станува најпосакуваниот работодавач меѓу младите генерации, и на факултетите на технички науки бројот на запишани студенти од година во година расте. Тука се јавуваат нови предизвици како на пример потребата од зголемување на академскиот кадар на овие факултети, како и начинот на задржување на студентите на студии до дипломирање.

    Пари: Колкав е всушност недостатигот на ИТ кадари во државата?

    Сергеј Зафироски: Доколку треба да употребам еден збор би бил хроничен. Иако, со недостатокот од квалификувана работна имаат проблем приближно сите индустрии, во ИТ Сегментот тој е многу сериозен. Има природен раст од 1,200 лица годишно само во ИТ Сегментот за професионалци додека од сите технички факултети поврзани некако со програмирање се продуцирале “само” 685 лица во 2019-та. Недостатокот во просек е 50% годишно, што пак во следните 4 години, доколку ништо не се преземе би била приближно 5,000 вработени до 2023-та година под претпоставка дека потребата за кадар ќе се зголемува со 10% годишно. Од економска перспектива, платите за 568 лица во 2019-та кои се дефицитарни би изнесувале приближно 8,70 милиони евра, доколку тој број го зголемиме за 5,000 вработени сумата би била огромна со голема загуба и за компаниите и за државата.

    Всушност, недостатокот од кадар ќе има многу поголеми последици за државата отколку што иницијално се размислува. Недостатокот од вработени, продонесуваза намалување на капацитетите на компаниите за повеќе или поголеми проекти, што пак го немалува приходот и профитот на компанијата, повеќе трошоци, повисоки плати и слично. Доколку поголем дел од компаниите (кое што е и случајот) немаат капацитет да испорачаат поголеми и покомплексни проекти, интернационалните клиенти ќе ја “одминуваат” или заменуваат државата со некоја друга локација каде што ќе бидат исполнети сите услови. Со конкуренција како Бугарија и Романија и нерешавање на проблемот со недостатокот на кадар, македонските компании ќе бидат дел од конзорциуми создадени во посочените држави а не водечките компании. Ова се потврдува и со фактот дека просечниот број на вработени лица во компаниите се намалува во претходниот период, тренд кој се очекува и да продолжи.

    Сепак, позитивно е што компаниите се подготвени да се вклучат во процесот на продуцирање и едукација на кадар каде е потребна поголема колаборација со факултетите и другите образовни институции. Сигурен сум дека постои интелектуален капацитет и интерес од сите вклучени да се реши проблемот, само е потребно иницијатива и имплементација на активностите кои што се препорачуваат.

    Пари: Како со поддршка на зголемување на бројот на вработените може да се поправи целата макроекономска слика во државата?

    Сергеј Зафироски: Во претходното наведов неколку бројки со кои што ќе го одговорам прашањето. Недостатокот до 2023-та би бил 5,000 лица. Доколку истите би ја земале бруто-платата од 15,280 евра (според финансиските податоци во 2019-та) годишно, би се исплатиле 76,40 милиони евра во вид на плати од кои што државата ќе има 25 милиони евра во вид на даноци, придонеси и други приходи. Вработените ќе ги трошат платите во локалната економија со што е активира економскиот мултипликатор кој нема официјално колку изнесува, но да го земеме песимистички дека е изнесува два, 50-те милиони евра нето-плати за економијата ќе вредат 100 милиони. Средствата ќе бидат потрошени во локални бизниси, компании, производи, маркети, облека, односно не само вработените туку поширок спектар на интересенти ќе имаат бенефит од потрошените пари на програмерите.

    Ниту една индустрија нема приближно толку високи плати колку програмите и ИТ експертите и толку голем глобален пазар. Вложувањето во развој на индустријата и насочувањето на средства кон нејзино зголемување може неколкукратно да се врати во вид на бенефити за поголем број на индустрии иако иницијално се поддржува само една.Друго, самото зголемување на бројот на вработени кои имаат високи приходи ќе го зголеми и генералниот просек на плати во државата. Всушност, бенефитите се многукратни но интервјуто е премногу кратко за сите тука да се елаборираат.

    Пари: Во извештајот има симулација за ефекти кои би биле предизвикани со секој дополнителен 1 милион евра приход, дали би можеле да појасните кој е резултатот?

    Сергеј Зафироски: Со таа симулација треба и да се докаже и квантифицира значењето на индустријата за државата, односно да се “разложат” вредностите и ставките во тие 1 милион евра. Симулацијата ги споредува неколку различни сектори по критериумите учество на трошоци за вработени, ново-отворени работни позиции и приходи кон државата (даноци и придонеси). Се разбира, симулацијата се изработува врз основа на податоците добиени од финансиските извештаи на анализираните сектори кои се дел од извештајот за МАСИТ.

    Според добиените податоци, од дополнителниот 1 милион евра приход во ИТ Сегментот (Софтвер и ИТ Услуги) ќе се издвојат 46% (0,47 милиони евра) за плати кон вработените, ќе се отворат нови 31 работно место каде вработените ќе земаат највисока плата во Северна Македонија и 17% за трошоци кон државата. Споредбено, во ИКТ Трговија и производство, од истиот 1 милион ќе се издвојат 8.8% за плати ќе се предизвика вработување на 12 лица со плата која е двојно пониска од Софтвер и ИТ Услуги, додека државата ќе добие само 3,6% од тој милион. Во Телекомуникации ќе се издвојат 11% за плати со 9 нови вработувања и 5% за државата. Доколку сумата се зголеми на “само” 10 милиони, во Софтвер и ИТ Услуги ќе се вработат 310 лица споредбено со 120 во ИКТ Трговија и 90 во Телекомуникации, но повторно со напомена дека вработените во ИТ Сегментот ќе имаат значајно повисоки плати.

    ИКТ Индустријата е `рбетот за развој на економијата – секоја инвестиција на државата во оваа ќе се врати многукратно

    Пари: Како консултанти кои имаат работено на извештајот што сметате дека треба да се направи во иднина?

    Сергеј Зафироски: Морам да напоменам дека ова е наше гледање на работите според податоците кои ги анализиравме а не на МАСИТ, бидејќи во определени сегменти имаме различни размислувања. Досега се изработени голем број на национални стратегии, планови но многу мал процент се реално имплементирани во секојдневието. Поради тоа се обидовме да дадеме насоки кои што реално можат да се изработат и да се имплементираат а значајно ќе ја унапредат моменталната позиција на ИКТ Индустријата. Препораките се издвоени во 3 сегменти и тоа “Подобрување во понудата на квалификувана работна сила”, “Креирање на национална ИТ Стратегија за извоз” и “Даночна и владина регулатива за подобрување на ИКТ Еко-системот”.

    Првиот дел е “Подобрување во понудата на квалификувана работна сила” во кој што предлагаме 4 алтернативи за нејзино надминување. Првата алтернатива (која не се препорачува) е статус кво, односно непреземање на никакви активности што предизвика дополнителен проблем во иднина. Втората алтернатива е креирање на неформален едукативен систем во кој би биле вклучени сите интересенти односно студентите, компаниите, неформалните но и формалните едукативни центри. За оваа алтернатива ќе биде потребно да се направат неколку отстапки особено од страна на неформалните центри, но и далеку поголемо инволвирање на компаниите бидејќи во крајна линија тие се корисници на кадарот кој е на пазарот. Третата алтернатива, која според нас е најдолгорочно издржлива е значајна поддршка на формалното образовани и подобрување на целокупниот образовен процес и поддршка од државата во таквиот процес.Четвртата алтернатива е хибрид од претходните две.

    Вториот сегмент е “Креирање на национална ИКТ Стратегија за извоз”.Во неколку прашања претходно појаснив кои се бенефитите од зголемување на извозот и воопшто приходот кај компаниите во ИТ Сегментот. Зголемувањето на приливот во секторот директно ќе влијае и на подобрување на целата економија, според тоа креирање на национална стратегија за поддршка на извозот на ИТ Услуги е логичен последователен чекор кој што е потребно да се преземе.

    Последниот сегмент кој е нај сензитивен е “Даночна и владина регулатива за подобрување на ИКТ Еко-системот”. Логично е да се постави прашањето, зашто да се ослободи ИТ Сегментот а не другите сектори зашто би биле привилегирани. Без соодветен реципроцитет и појаснување на реципроцитетот може да се предизвика незадоволство па дури и избегнување на плаќање на данок кај останатите индустрии. Поради тоа, нашите предлози е сите ослободувања да бидат условени и насочени само кон компаниите кои работат програмирање а не цели индустрии бидејќи само така може да се избегнат несакани последици. Првиот предлог е “Ослободувања од персонален и корпоративен данок” и вториот е “Ограничување на основицата за пресметка на придонеси на платата”

    Квалификуваниот кадар е најголемиот проблем на индустријата, според ослободувањето за данок би било во насока на пренасочување на средствата во развој на образованието или едукација на моменталните вработени. Според пресметките под сегментот Софтвер и ИТ Услуги има исплатено 8 – 10 милиони евра во 2019-та како даноци, кои што доколку се ставени на располагање пример на образовниот систем би можеле да се искористат во насока на зголемување на бројот на едуцирани професионалци. На крајот, државата повторно ќе ги наплати тие 8 милиони евра но во друг данок, односно како зголемено трошење од идните вработени во индустријата. Ограничувањето на основицата за пресметка на придонеси на платата е вториот, но со оглед на тековната ситуација во КОВИД-19 постои мала веројатност за нејзина реализација.

    Предлозите кои што ги даваме не се револуционерни, но и како такви е потребна иницијатива и многу работа да бидат реализирани. Интервенција во едукација е најважаната активност кон која е потребно сите интересенти да се вклучат и да ја имплементираат бидејќи само така може да се користат бенефитите од ИКТ Индустријата.

    Пари: Зашто сметате дека ИТ сегментот може да и помогне значајно на Македонија?

    Анита Никова: ИКТ индустријата е ‘рбетот за развој и просперитет на нашата економија. Користењето на ИКТ алатки, на МСП секторот му овозможува да работи поефикасно и поефективно, на граѓаните значително би им се олеснил животот доколку институциите и услугите се дигитализираат, младите кои ќе изберат да студираат ИКТ технологии или да се преквалификуваат ќе влезат во сектор каде вработените се високо платени и многу почитувани, така што секоја инвестиција во дигитална трансформација, доколку испланирана соодветно, би се вратила многукратно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично