ПОВЕЌЕ

    Државната пошта тоне во долгови, приватните „билдаат“ профити

    Време зa читање: 6 минути

    Во поштенскиот бизнис во земјава работат 103 компании. При тоа, само една од нив е во групата на големи, две се водат како средни, додека 81 се микро фирми а 19 се мали. Ова го покажува анализата за состојбите во поштенскиот бизнис во земјава што ја направи „Таргет Груп“. При тоа, во дваесетте компании што имаат најголеми приходи во овој бизнис, лани се свртела сума од 38,4 милиони евра, додека пак во дваесетте компании што имаат најголеми добивки – минатата година е направена вкупна добивка во износ од 2 милиони евра.

    Дваесет компании од поштенската дејност во 2019 година имале приходи од 38,4 милиони евра, добивка од 2 милиони евра и вработувале 2.959 луѓе

    „Пошта на Северна Македонија“ брои загуби, „ДелЦо“ раст на добивката

    „Пошта на Северна Македонија“ е единственото Акционерско друштво во овој бизнис во земјава. Иако ги прави најголемите приходи и го има најголемиот број на вработени во оваа дејност, сепак ова Акционерско друштвото што е во раце на државата, работи со загуба.

    Минатата година „Пошта на Северна Македонија“ има приходи од 19,4 милиони евра. Овој износ на приходи е драстично поголем од приходите што ги прави „ДелЦо“, каде лани се свртела сума од  4,2 милиони евра. Сепак, за разлика од „Пошта на Северна Македонија“, која работи со загуба, „ДелЦо“, лани има добивка 1,6 милиони евра, што е највисок остварен износ во овој бизнис.

    При тоа, во „Пошта на Северна Македонија“ работат 2.054 луѓе, а во „ДелЦо“  има 284 вработени.

    „Пошта на Северна Македонија“ со години наназад е на удар на јавноста дека е претворена во институција за згрижување на партиски кадри. Дополнително, последниот ревизорски извштај обелоденува дека, иако во оваа компанија што е во раце на државата, се трупале загуби сепак менаџментот си обезбедил бонуси. Ревизорскиот извештај покажа дека компанијата има загуба од околу 10 милиони евра, а истовремено се склучувале договори за премии од осигурување за досегашните директори, обезбедувајќи на тој начин високи бонуси за нив. Уште еден удар за „Пошта на Северна Македонија“ беше и затворањето на Еуростандард банка, преку која одеше платниот промет.

    Највисоката добивка во овој бизнис, минатата година ја има компанијата „ДелЦо“. За оваа фирма што е од групата на среден бизис, 2019 година се покажала како многу подобра од 2018 година.  Приходите лани се зголемиле за 50,4 отсто во однос на претходната година и достигнале 4,2 милиони евра. Во делот на добивката пак, лани оваа компанија покажува раст од 248 отсто во споредба со претходната година. Односно, лани има добивка во износ од 1,6 милиони евра. Сепак, компанијата лани го намалила бројот на вработени за 5,3 отсто и лани таму имало 284 луѓе.

    „Ние сме целосно лиценциран давател на поштенски услуги во Македонија и единствен доставувач кој нуди специјализирана достава на сензитивни и правни документи“, стои на интернет страната на „ДелЦо“ и при тоа се наведува дека употребуваат модерна технологија за следење и оцена на сите чекори во процесот на достава, односно постои можност пратката да се следи во секое време.

    „ДХЛ ЕКСПРЕС МАКЕДОНИЈА“ ВТОРА КОМПАНИЈА ПО ОСТВАРЕНИ ПРИХОДИ И ДОБИВКИ ВО БИЗИСОТ СО ПОШТА И КУРИРСКИ УСЛИГИ

    Втора компанија по однос на остварени приходи и добивка во оваа дејност е „ДХЛ Експрес Македонија“. Во оваа компанија, лани растеле и приходите и добивката, а се зголемил и бројот на вработените.

    Минатата година се свртела сума од 8,5 милиони евра, што е втората најголема сума на приходи во овој бизнис со поштенски и курирски услуги. Приходите на „ДХЛ Експрес Македонија“, минатата година се зголемени за 7,3 отсто во споредба со претходната година. Додека пак минатогодишната добивка изнесува 193.100 евра, и истата во однос на претходната година е зголемена за 116,7 отсто.  Во оваа компанија работат 67 луѓе, додека претходната година работеле 64 луѓе.

    По однос на остварената добивка во текот на минатата година, третиот најголем износ го има компанијата „ИН ТИМЕ МК БПС“, лоцирано во скопската населба Илинден. Станува збор за компанија што е во групата на мали бизниси и има 21 вработен. Оваа фирма, лани има добивка од 90.900 евра, односно бележи добивка за разлика од претходната година. Минатата година, успеала да ги зголеми и приходите за 29 отсто во однос на годината пред неа, со што лани стигнува до сума од 498.000 евра.

    Четвртата најголема добивка во овој бизнис за минатата година ја има компанијата „Карго Експрес“.  Станува збор за компанија што е од групата на мали бизниси. Во неа работат 174 луѓе.  Лани има добивка во износ 64.000 евра, за разлика од претходната година кога имала добивка од 184.800 евра. Тоа значи дека, минатата година оваа компанија има драстичен пад на добивката, или таа е намалена е за 65,3 отсто во споредба со претходната година.

    Но, зголемување за 12,2 отсто има кај бројот на вработени, како и кај приходите кои лани во споредба со претходната година бележат раст од 13,2 отсто. Односно, минатата година оваа компанија има приходи во износ од 1,8 милиони евра.

    На нивната интернет страна пишува дека компанијата постои од 2003 година.

    „Нова Пошта“, лани има добивка од 40.800 евра, и забележува драстичен скок на добивката во однос на претходната кога кога имала добивка од 3.400 евра. Оваа компанија лани има приходи од 519.400 евра и истите имаат раст од 8,3 отсто во споредба со претходната година. Во неа има 42 вработени.

    Драстичен пад на добивката и огромен раст на приходите кај „Еко логистик сервис“

    „ТПЛ Тотал Пост Логистик“ лани има добивка од 15.700 евра и при тоа бележи раст на добивката во споредба со претходната година за 168,3 отсто.  При тоа, во компанијата лани се свртела сума од  525.800 евра и забележува раст од  7,8 отсто.

    Останатите компании од оваа дејност минатата година имаат добивки помали од 6.700 евра а најголем пад на добивката лани има кај „Еко логистик сервис“ . Компанијата минатата година има добивка во износ од 4.600 евра, но споредено со претходната година бележи пад на добивката од 91,9 отсто. Оваа фирм се наоѓа на десетото место по висината на приходи во оваа дејност. Лани таму се свртела сума од 291.700 евра, и има зголемување во однос на претходната година за 205 отсто. Во „Еко логистик сервис“, лани работеле 70 луѓе и нивниот број во споредба со претходната година е зголемен за 600 отсто.

    Анализа на податоци: Таргет Груп

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично