Акциите на Apple паднаа за време на тргувањето во вторникот за 2,6 проценти во еден момент.
Тоа избриша 34 милијарди долари пазарна вредност на американската технолошка компанија и ги спушти индексите на Wall Street најниско, објави CNN Business.
На затварањето на берзата, акциите на Apple се заклучија во минус од 1,8 проценти во однос на претходниот ден. На овој драматичен пад влијаеше предупредување од Apple дека не очекува да оствари планирани квартални приходи поради забавување на производството и ослабената побарувачка во Кина, каде компанијата ги затвори сите свои продавници поради епидемијата на коронавирусот.
Според првичните планови, највредната компанија во Соединетите Држави, чија пазарна вредност е 1,4 трилиони долари, се очекува во својот втор фискален квартал да оствари нето продажба помеѓу 63 и 67 милијарди долари.
По соопштението на Apple, индустрискиот индекс Dow Jones потона веќе трет ден по ред, бидејќи инвеститорите се повлекоа за да го земат предвид предупредувањето на технолошкиот гигант, пренесува CNBC.
Вредноста на Dow Jones индексот на затворањето падна за 165,89 поени или 0,6 проценти, на 29.232,19 поени. Индексот S&P 500 се намали за 0,3 проценти на 3.370,29 поени, додека технолошкиот Nasdaq Composite забележа мала добивка, завршувајќи го денот на рекордно високо ниво од 9.732.74 поени.
Компанијата Tesla придонесе за раст на Nasdaq, бидејќи нејзините акции скокнаа повеќе од 7,0 проценти. Исто така, зајакна Netflix за 1,9 проценти, достигнувајќи највисоко ниво од јули 2018 година, како и Alphabet, кој забележа мала добивка од 0,1 процент.