Производителите на луксузни производи се соочуваат со големи загуби поради епидемијата на коронавирусот. Новите модни колекции доцнат со месеци.
„Нé очекуваат најмалку четири месеци со исклучително тешко работење“, изјави Флавио Середа, генерален директор на инвестициска банка Jefferies. Како што наведуваат од инвестициската банка Jefferies, кинеските потрошувачи учествуваат со 80 проценти од растот на пазарот.
Глобалната модна индустрија вреди 2 трилиони фунти (1,5 трилиони долари) и на Велика Британија и носи повеќе од 30 милијарди фунти на годишно ниво, објави BBC.
„Ова е кошмар!“, наведува Середа.
Потрошувачката моќ на Кина се зголеми во текот на минатата деценија и сега претставува 38 проценти од приходите на глобалната модна индустрија. За споредба, во 2003 година, кога се појави епидемијата на САРС, кинеските потрошувачи беа околу 8 проценти од пазарот.
Сé до 23 јануари оваа година, предвидувањата на пазарот се движеа во добра насока.
Но, сега, кога некои кинески градови се целосно затворени и кога има повеќе случаи на ширење на вирусот (статистиката од минатиот петок вели дека над 63.000 луѓе се заразени со вирусот додека животот го загубиле повеќе од 1.300), трговските центри се напуштени, работниците се дома, а индустријата на луксузна стока е сериозно загрижена.
Можеби ќе ве интересира и: „Кинеските банки вршат дезинфекција на парите во оптек како превентива од Корона вирусот“
Меѓутоа, Середа верува дека модната индустрија ќе закрепне, нагласувајќи ја важноста на потрошувачката за глобалниот раст. Сепак, тој смета дека закрепнувањето може да трае до летниот период, додека потрошувачите не започнат повторно нормално да купуваат.