ПОВЕЌЕ

    Стар или нов – долг има: Пензиските придонеси не стигнуваат навреме до личните сметки  

    Време зa читање: 6 минути

    Педесет и еден милион евра од пензиските придонеси на граѓаните не се префрлени во вториот пензиски столб заклучно со 31 октомври, тврдат од СДСМ. Опозицијата бара средствата итно да бидат префрлени и да се пристапи кон утврдување кривична одговорност. Со тоа повторно се актуелизира прашањето за (не)навременото распределување на пензиските придонеси, кое и во минатото предизвика проблеми и наложи државна интервенција.

    Со непрефрлањето на парите се доведуваат во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650 илјади граѓани, обвини потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска. Таа нагласи дека станува збор за средства што работниците редовно ги издвојуваат од своите плати за идните пензии.

    Според Тренчевска, префрлањето на придонесите во вториот пензиски столб е законска обврска, а не одлука што може да зависи од волјата на раководството на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Притоа, се повика на рокот од пет дена за распределување на средствата и побара Јавното обвинителство да ја испита одговорноста.

    Од СДСМ тврдат и дека дефицитот во ПИОМ достигнал една милијарда евра, поврзувајќи го проблемот со пошироката финансиска состојба на пензискиот систем.

    И во 2019 година се враќаа непрефрлени придонеси

    За потсетување, во јануари 2019 година тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска објави дека за околу 12.000 осигуреници, во период од приближно десет години, уплатените придонеси останувале во државниот пензиски столб, наместо да бидат распределени на нивните индивидуални сметки во приватните пензиски фондови. Пресметките за периодот од 2007 до 2018 година биле – за осигуреник со просечна плата и со нераспределени проидонеси од 295 илјади денари, загубениот инвестициски принос бил 95.000 денари, па целосното обесштетување достигнувало 400 денари.

    Во тоа време со ПИОМ раководеле Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи – сите од ДУИ. А министри за труд и социјална политика, ресор надлежен за Фондот, биле Џељаљ Бајрами (ДУИ), Спиро Ристовски и Диме Спасов од ВМРО-ДПМНЕ.

    За исправување на состојбата тогаш Владата обезбедила 19 милиони евра од буџетот. Средствата беа наменети не само за непрефрлените придонеси, туку и за надоместување на приносот што осигурениците би можеле да го остварат доколку парите навреме биле инвестирани.

    Според годишниот извештај на МАПАС, во 2019 година биле распределени 14.156 осигуреници, за кои Фондот на ПИОМ пренел 803,87 милиони денари придонеси и 281,76 милиони денари надоместоци за ненавремено пренесување. Вкупниот износ достигнал 1,09 милијарди денари, односно 17,65 милиони евра.

    Проблемите во двостолбниот пензиски систем беа една од причините за реформите што ги спроведе тогашната влада. Во декември 2018 година беа донесени законски измени, а на почетокот од 2019 година на 29.213 осигуреници им престана членството во задолжителните пензиски фондови, со што останаа осигурени само во првиот пензиски столб. За определена категорија доброволни членови беше оставена можноста сами да изберат дали ќе продолжат со членството во вториот столб.

    Во рамките на реформите беа зголемени и придонесите за пензиско и здравствено осигурување, со цел да се подобри финансиската одржливост на системот. Во 2019 година стапката за пензиско осигурување се зголеми од 18 на 18,4 насто, а во 2020 година на 18,8 насто.

    Велковски: Долгот е создаден многу порано

    За актуелните непрефрлени придонеси, пратеникот на СДСМ Јован Митрески вчера, на собраниската седница за опозициски прашања, побара објаснување од надлежните институции. Тој се повика на информации од ревизорски извештај, според кои за јануари и февруари 2026 година не биле префрлени околу 40 милиони евра, посочувајќи дека износот дополнително се зголемувал.

    Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски одговори дека долгот кон вториот пензиски столб е создаден многу порано, а не во 2026 година:

    „Ако зборувате за ревизорскиот извештај, тој е за 2024 година. Таа влада дојде некаде во јуни, буџетот што беше изгласан беше од претходната влада и во тоа време не бил сегашниот директор. Бил некој друг, така што тие средства што ги читате, т.е. долгот е создаден многу порано, а средствата не биле обезбедени за да се сервисираат сите тие обврски. Инаку, секој ревизорски извештај е процесиран и до Владата, разгледан е, направен е акциски план на него, се постапува соодветно по препораките што се дадени во согласност со Државниот завод за ревизија“.

    Алармот за состојбите во пензискиот систем одамна е вклучен

    Долгот постои и е факт, без оглед од кога датира. Алармот дека дефицитот во ПИОМ и буџетските дотации се неодржливи на долг рок, беше вклучен одамна. Уште во 2016 година имаше препораки за спроведување спасоносни мерки. Да се зголеми процентот на придонесот за пензија – на секои 2 години по 1 до најмногу 3 насто. Да се зголеми старосната граница за пензионирање на 65 години за жени и 67 години за мажи. Да се стопираат субвенциите за придонеси на ТИРЗ компаниите. Тоа беше предложено од претставници на деловната заедница, кои меѓу другото посочуваа и дека треба да се зголемува бројот на вработените, но со строг надзор врз вработувањата во администрацијата.

    Препораките се однесуваа на период од една деценија, бидејќи уште тогаш беше оценето – ако ништо не се преземе, ПИОМ ќе колабира. За споредба, сето ова е зборувано во услови кога буџетот тежел 3,3 милијарди евра, а ПИОМ добивал дотации  од 470 милиони евра. Буџетот за 2027 година е 7,16 милијарди евра, дефицитот во ПИОМ за исплата на пензииите ќе се покрива со 683 милиони евра, а за транзициските трошоци се проектирани речиси 319 милиони евра.

    Во меѓувреме, во собраниска процедура се предложените измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, со кои се предвидува воведување три инвестициски портфолија во вториот пензиски столб – растечко, балансирано и конзервативно. Разграничувањето се прави според возраста: лица до 45 години ќе може да се определат за растечко или за балансирано портфолио; од 45 до 57 години – било кое од трите понудени, а изборот на сите над 57-годишна возраст ќе биде балансираниот или конзервативниот мултифонд. Предложените законски решенија денес се разгледуваа во второ читање на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Од седумте поднесени амандмани, прифатен е еден, по што предлогот е проследен во натамошна постапка.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично