Припадниците на иранска ќелија, уапсени од македонските власти во соработка со грчката полиција и со помош на израелската разузнавачка агенција Мосад, наводно планирале атентат врз Абрахам Минос Моисис, истакнат грчки бизнисмен и поранешен претседател на Еврејската заедница во Атина, објави грчкиот весник То Вима.
Абрахам-Минос Е. Моисис e бизнисмен со долгогодишна кариера во корпоративниот и финансискиот сектор во Грција, кој истовремено има врски со израелски одбранбени интереси. Според бројни медиумски извештаи објавени во средата, заговорот бил спречен по повеќемесечна разузнавачка операција.
Одбранбената компанија, која произведува воена опрема, премина под контрола на израелската државна компанија „Израел аероспејс индастрис“ (IAI) во јуни 2023 година, кога IAI се стекна со удел од 90,91 % за 60 милиони евра. Шеесет и четиригодишниот Моисис, од јануари 2025 година е неизвршен член на одборот на директори на компанијата „Интраком дифенс“ (Intracom Defense), каде што бил реизбран во октомври 2026 година, се наведува во грчките медиуми, компанија поврзана со проширување на распоредувањето на „Железна купола“ за грчкиот „Штит на Ахил“.
Моисис претходно ја извршувал функцијата главен извршен директор на „Интерамерикен“ (Interamerican) и „Нешнал иншуранс“ (National Insurance), а моментално е неизвршен потпретседател на одборот на директори на „КредиаБанк“ (CrediaBank).
ИРАНСКА ВРСКА
Заговорот, кој грчките власти го истражуваат како операција на мрежа со наводни врски со Иран, доведе до апсење на пет лица во Северна Македонија, додека по уште еден осомничен се трага. Според извештаите, можна причина за нападот би можела да биде позицијата што целта ја зазема во компанија контролирана од израелски интереси.
Грчките медиуми, исто така, го идентификуваа иранскиот државјанин Идрис Џахангири Маванех како наводен водач на спречената операција. Според грчкиот информативен портал „Прото Тема“ (Proto Thema), Маванех има директни врски со иранските разузнавачки служби и бил одговорен за регрутирање на оперативците кои се уапсени, како и за издавање наредби до нив.
Еден државјанин на Северна Македонија бил уапсен во Грција во четвртокот и екстрадиран во својата земја, додека четворица други осомничени биле уапсени истовремено во Скопје, главниот град на Северна Македонија. Сепак, властите во двете земји сè уште официјално не го потврдиле идентитетот на наводната цел, ниту пак идентитетот на наводниот водач на групата.
Маванех ги регрутирал осомничените преку криминални мрежи, според „Прото тема“ но не бил меѓу уапсените. Во извештајот се наведува дека тој, претходно оваа година, во Обединетите Арапски Емирати се сретнал со најмалку тројца од петте приведени осомничени и ги регрутирал за операцијата.
Маванех е опишан како главен организатор на ќелијата, со директни врски со иранските разузнавачки служби. Неговата наводна улога била да регрутира оперативци во име на тие служби за извршување атентати и саботажи, притоа прикривајќи ја вмешаноста на Иран. Според извештајот, сите петмина осомничени претходно го посетиле Иран.
„Прото тема“ исто така објави дека Маванех му ја доверил мисијата за атентат на својот сонародник Наџи Шарифи Зиндашти, кој е баран од ФБИ. Зиндашти, наводно, ја идентификувал и организирал ќелијата за атентати во Скопје и Куманово, во Северна Македонија. Иако во новинските извештаи се наведува дека се работи познат нарко-бос, Зиндашти всушност многупати инволвиран во атентати и киднапирања на ирански граѓани, најчесто дисиденти пребегани на Запад, по налог и во соработка со иранските тајни служби.
Според извештаите, еден член на ќелијата бил уапсен во Грција и предаден на властите во Северна Македонија. Втор осомничен за атентатот се обидел да влезе во Грција од Турција преку Александруполис, но му бил одбиен влезот и бил вратен во Турција. Сите наводни оперативци, според информациите, имаат криминално досие и врски со групи на организиран криминал во Северна Македонија. Нивната возраст се движи од 29 до 73 години.
Според Асошиејтед Прес, за време на операцијата наводно биле запленети оружје, муниција, електронски уреди, тетратки што содржат контакт информации и мапа што означува локација. Материјалот се испитува како дел од истрагата.
Разузнавачката служба Мосад, наводно, им доставила на Грција и на Северна Македонија разузнавачки податоци што довеле до апсење на осомничени ирански оперативци. Според проценките на израелските претставници, од гледна точка на Техеран, конфронтацијата со Израел останува нерешена, пишува израелски Инет.
Иранската амбасада во Атина во среда категорично ги отфрли обвинувањата што го поврзуваат Техеран со наводниот заговор, опишувајќи ги како „целосно неосновани“ и обвинувајќи го Израел за спроведување пропагандна и психолошка воена кампања насочена кон дискредитација на Иран.
Во соопштението, прес-службата на амбасадата изјави дека обвинувањата што го припишуваат наводниот терористички заговор на лица поврзани со Иран се неосновани и немаат кредибилитет. Исто така, се осврна на она што го опиша како претходни операции со „лажно знаме“ и повика на будност против она што го окарактеризира како измамнички практики.
(Фото: TO VIMA)
Аналитика








